Деспотовски: Очекувам оставки од целото раководство на СДСМ


Јован Деспотовски (Фото: Б.Грданоски)

Јован Деспотовски, актуелен директор на ТИРЗ и член на раководството на СДСМ од медиумите вчера дознал за оставката на Димитар Ковачевски од лидерската позиција во СДСМ и смета дека е задоцнет чекор, но сепак во вистинска насока.

„Како член на СДСМ вчера добив информација дека партискиот претседател има поднесено оставка, што е задоцнет чекор, но чекор во вистинска насока. Мораше да се случи многу порано. Очекувам овој чекор да го следат и сите останати членови на раководството на партијата за да може веднаш да се премине во делот на отворена дискусија за тоа кои се причините за овој резултат, катастрофален дебакл. Факт е дека бројот на гласови е на историски минимум, за жал. Мора да гледаме како понатаму“, рече Деспотовски во емисијата „Студио 10“ на ТВ24.

Пред партијата сега е предизвикот да се консолидира и да се позиционира во собранието како сериозна опозициска партија.

„Треба да си дозволиме да зборуваме за позитивни работи во целата оваа ситуација за СДСМ. Она што дава надеж ако сме доволно мудри и доблесни во овој период е да продолжиме напред и да станеме повторно политичка сила во државата. Една од добрите работи во целата ситуација е што СДСМ остана една од најголемите политички партии во државата по овие избори. Факт е дека по бројот на гласови сме пред политичката партија ДУИ. Важно е СДСМ да се позиционира како сериозна водечка опозициска партија. Ако се базираме на принципи, вредности и на политики коишто треба повторно да ги презентираме пред граѓаните и да ги поттикнеме да не слушаат па потоа да ја вратиме довербата. Треба да си ги заслужиме местото“, рече Деспотовски.

Деспотовски по оставката на Зоран Заев од лидерската позиција во СДСМ беше кандидат за претседател на партијата, а по вчерашната оставка на Ковачевски можно е повторно да влезе во трката за претседател на оваа партија.