Дескоска вели дека опозицијата манипулира со ставови на Венецијанската комисија


Министерската за правда, Рената Треневска-Дескоска, денеска ги оцени како непрофесионални „спиновите на опозицијата“ дека Венецијанската комисија препорачала дека треба да поминат најмалку 60 дена по престанокот на вонредната состојба за да може да се организираат избори. „Тоа едноставно не е точно“, тврди Треневска-Дескоска.

„Интересно е да се гледа како стравот од избори и свесноста за пораз на опозицијата на нив, тера некои луѓе да спинуваат најнеписмено и најнепрофесионално дека Венецијанската комисија препорачала дека треба да поминат најмалку 60 дена по престанокот на вонредната состојба за да може да се организираат избори. Во извештајот од кој наведуваат фрагментарни делови, почетната реченица во делот за избори е дека ‘не постои формално правило во меѓународното право кое ќе им забрани на државите да одржуваат избори или референдум дури и за време на вонредна состојба’. Понатаму извештајот реферира на различни уставни и законски примери од земјите за чии законодавста давале мислења, меѓу кои е и уставот на Грузија за кој велат дека позитивно се изразиле, кој устав предвидува дека после воена или вонредна состојба нема да се спроведуваат избори пред истек на 60 дена. Таков е грузискиот устав. Нашиот устав е поинаков и тој предвидува дека нема да се спроведуваат избори само за време на траење на вонредна или воена состојба. Одредбата од грузискиот устав не е задолжителен стандард на Венецијанската комисија“, нагласува министерката за правда.

Така што, „исплашените од избори треба да знаат, продолжува таа, дека за нас задолжително дејство имаат одредбите на нашиот устав, а не на грузискиот“, заклучува Рената Треневска-Дескоска.