Ученици фрлале камења кон слоницата во скопската Зоолошка, а професорите седеле на кафе


Зоонегувателот Виктор кој работи во скопската Зоолошка сподели неубаво искуство кое го посведочил денеска. 

Камења биле фрлани кон слоницата во Зоолошката, додека, како што вели, професорите седеле на кафе. 

– Денес имав ситуација што искрено ме разочара. Група ученици од средното угостителско „Лазар Танев“ фрлаа камења кон слоницата, додека нивните професори седеа на кафе во кафич. Не сакам да генерализирам — не се сите деца исти, ниту сите професори се неодговорни. Но, вакви поединци оставаат лоша слика и, уште полошо, нанесуваат стрес и штета на животни кои се под наша грижа. Како зоонеговател, секојдневно гледам колку се чувствителни и интелигентни овие суштества. За нив, ова не е „заебанција“, сподели тој во својата фејсбук објава. 

Направи и паралела како било некогаш. 

– Искрено, се потсетив на времето од пред 25–30 години… Ако некој од нас направеше ваква глупост, последиците ќе беа сериозни — и од дома, и од училиште. Не затоа што некој сакал да казнува, туку затоа што се знаеше ред, почит и одговорност. Мислам дека е време повторно да се потсетиме на тие вредности.

Упати апел до сите:

– Научете ги децата дека животните не се мета за забава, туку живи суштества што заслужуваат почит. Разбрав дека е изреагирано од страна на директорот, се надевам дека ќе има некакви реперкусии за ова однесување.