Дескоска најави измени на Кривичниот законик за кривични дела поврзани со тортура


Фото: Б. Грданоски

Министерката за правда Рената Дескоска се обрати на меѓународната конференција посветена на справувањето со несоодветното постапување на полицијата содржани во пресудите на Европскиот суд за човекови права и при тоа најави измени на Кривичниот законик за кривични дела поврзани со тортура.
Како што соопшти Министерството за правда, во обраќањето Дескоска истакна дека и нашата држава имала предмети во кои Судот во Стразбур утврдил повреда на Конвенцијата во однос на постапувањето на полициските службеници. Покрај Судот во Стразбур, оваа состојба во нашата држава, рече, е констатирана и во извештаите за ситуацијата во однос на човековите права на Комитетот против тортура, ОБСЕ, Амнести Интернешнал, и други релевантни извештаи.
Како реакција на наведените пресуди и извештаи, Дескоска истакна дека изминатиот период се преземени повеќе мерки за менување на состојбите во оваа област. Со цел воспоставување независен надворешен механизам за контрола над работата на вработените во Министерството за внатрешни работи со полициски овластувања и затворската полицијата, беа направени измени и дополнувања на Законот за Јавното обвинителство, Законот за полицијата и Законот за извршување на санкциите, додека во рамките на граѓанската контрола беа извршени измени и дополнувања на законот за Народниот правобранител.
-Со предложените измени се даде основа за формирање посебно одделение во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција со специјализирани јавни обвинители кои постапуваат по овој вид предмети, потенцираше министерката за правда.
Таа информираше дека наведените законски одредби веќе успешно се применуваат во практиката и формираното Одделение во рамките на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција постапува по повеќе вакви предмети.
Дескоска истакна дека значајна новина е дека по овие предмети повеќе не постапува внатрешната контрола во рамките на Министерството за внатрешни работи, туку истрагата ја води единствено јавниот обвинител и истражителите во јавното обвинителство. Оваа надлежност ја следи и судството, со пропишаната надлежност за постапување по овие предмети на Одделението кое суди за дела од организиран криминал и корупција во рамките на Основниот кривичен суд во Скопје.
Министерката се осврна, се посочува, и на измените на Законот за Народен правобраниетел со кои е предвидено дека Народниот правобранител заедно со претставници на невладини организации презема дејства и мерки за обезбедување, поддршка и заштита на жртвите, нивните права и презентирање на нивните интереси во сите постапки и случаи. Таа информираше дека како дел од реформската агенда на Министерството за правда во иднина ќе бидат подготвени измени и дополнувања на Кривичниот законик во однос на кривичните дела поврзани со тортура.
-Овие измени ќе содржат целосно редефинирање на двата члена од Кривичниот законик – Мачење и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување и Малтретирање во вршење на службата. Исто така, овој предлог ќе содржи и одредба согласно која предлагаме за наведените две кривични дела да нема застарување, и тоа како за кривичното гонење, така и за извршувањето на казната, истакна Дескоска, стои во соопштението.