Десет електронски книги по повод Денот на македонскиот јазик

По повод 5 Мај – Денот на македонскот јазик, којшто се одбележува втора година, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ (ИМЈ) електронски ќе објави десет книги за афирмација, негување и за проучување на македонскиот стандарден јазик.

Станува збор за книгите „За македонскиот јазик“, книга 11 од Посебните изданија на ИМЈ, објавена во 1978 година под редакција на Тодор Димитровски, на Блаже Конески и на Трајко Стаматоски; Осум зборници (почнувајќи од книга 2) од едицијата „Денови на Благоја Корубин“, основач и главен редактор: Снежана Велковска (најновите зборници ги има на веб-страната на Институтот, а останатите електронски недостапни изданија се во подготовка за објавување); Фототипско издание на „Речникот на презимињата кај Македонците“, во два тома (од 1994 и 2001 година) од авторите Марија Коробар-Белчева, Олга Иванова, Маринко Митков и Трајко Стаматоски и под редакција на Трајко Стаматоски (кому на овој начин ИМЈ му го одбележува 95. роденден).

Од ИМЈ потсетуваат дека електронското издание на „Правописот на македонскиот јазик“ е подарок до народот од Владата, од Институтот, од НУБ и од авторите.

– Време е 4 200 страници од „Толковниот речник на македонскиот јазик“ да станат достапни во електронска форма за народот и за светот, за што ја бараме поддршката од Владата и од релевантните институции. Време е за дигитализација и за електронско издаваштво! Годинешниот Ден на македонскиот јазик нека биде уште еден поттик за тоа!, порачува директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, во обраќањето по повод Денот на македонскиот јазик .

Посочува дека светот признава постоење на над 6 500 јазици. Само неколку стотини од нив се издигнале на ниво на службен јазик на еден народ во една држава, а јазикот на Македонците е еден од избраните.

– Уште во деветтиот век браќата Кирил и Методиј, со помош на глаголицата, како оригинално писмо, ги превеле црковните книги на јазикот на македонските Словени од околината на градот Солун (во науката познат како старословенски и старомакедонски). Со благослов на папата, овој јазик станува четвртиот признат јазик во светот што е достоен за Библијата и за Бога. Подоцна, постапно, кирилицата го зазема своето место во писмената традиција.

По многу векови, со прогласувањето на Федерална Македонија како држава, АСНОМ, на своето Прво заседание на 2 август 1944 година, донесува решение за воведувањето на македонскиот како службен јазик. Со објавувањето на македонската азбука на 5 мај и со усвојувањето на македонскиот правопис на 7 јуни 1945 година од Народната влада на Федерална Македонија, се случува кодификација на современиот македонски литературен јазик. Така, македонскиот јазик повторно се вбројува во избраните јазици на светот. Затоа, ја поздравуваме одлуката на Владата што ја донесе на својата 130. седница во април 2019 година (по препорака на Советот за македонски јазик) за востановување на 5 мај за Ден на македонскиот јазик, потсетува Јованова-Грујовска.

Македонската азбука е официјално и единствено писмо на македонскиот јазик, со кое на македонски јазик се напишани и објавени илјадници книги што се читаат од Македонците, но и од припадници на другите нации кај нас и по светот.

 

Институтот за македонски јазик, укажува Јованова-Грујовска, достојно останува на задачите за афирмација, негување и за проучување на македонскиот стандарден јазик.

Институтот за македонски јазик, преку работата на своите проекти, преку постдипломските и докторските студии, како и преку објавените дела, веќе седма деценија ја промовира и ја потврдува азбуката, како и основните принципи за фонетски правопис, за застапеност на граматичките форми и „живите наставки“ (Блаже Конески) од централните говори и за збогатување на речникот од сите дијалекти.

– Седумдесет и петгодишната практика на македонската азбука и на правописот придонесе за успешна борба против неписменоста, за квалитетно образование, за поквалитетен живот на граѓаните, за промовирање на културната разновидност на Македонците и за зачувување на традицијата од нашите предци.

Со пиетет се потсетуваме на сите претходници, кои, со своето дело, низ вековите се вградиле во писмениот македонски јазик. Меѓу нив е визионерот што прв ја обзнани азбуката, нашиот патрон Крсте Мисирков, кој нè потсетува дека „јазикот е наше духовно благо“, зашто „јазикот е средство со кое ние познаваме што мисли, што чувствува и што сака нашиот соговорник“. Тука задолжително ќе го споменеме кодификаторот на македонскиот јазик, најголемиот афирматор на македонската азбука, правопис и речник, нашиот омилен професор Блаже Конески, кој ни порача „јазикот ни е нашата единствена неподелена татковина“, наведува директорката на ИМЈ „Крсте Мисирков“ по повод Денот на македонскиот јазик.