Деркоски му го даде премиерот Албанец на ДУИ
СЛОБОДАНКА ЈОВАНОВСКА
Моменталната политичка парализа поради распуштеното Собрание покажа како еден ситен политички калкулант преку ноќ се претвора во маестрален партиски извршител, кој води политика место да ја води Државната изборна комисија
Претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски, се стави целосно во партиска функција. Ароганцијата со која денес порача дека нема намера да почитува одлуки на Владата и најтранспарентно одби да ја работи работата за која го плаќа државата, додека истовремено се жали дека му фали време за да ги организира изборите, е најдобра потврда дека на Македонија никогаш повеќе не треба да и се повтори партиска Државна изборна комисија и дека не треба да и се повтори техничка влада.
Ваков ужас од партиско дејствување на некој што треба да гарантира фер и демократско гласање одамна не е виден ни кај нас. Што ќе биде кога ќе стигнат приговорите за изборите? Што ќе биде ако ситни гласови решаваат за победничката партија? Што ќе биде ако резултатот не и се допаѓа на ВМРО-ДПМНЕ? Сега може да си замислиме, откако за еден датум за избори првиот човек на Државната изборна комисија со недели „крвари“ за опозицијата, па уште и се однесува како да е шеф на државата, најзагрижен за спроведување на законите, позагрижен и од Владата и претседателот, поголем експерт од Уставниот суд, па и толкувач на Уставот во земјата.
Без почит кон колегите, денес тој порача дека имале право да побараат свикување седница, но не е сигурен дека ќе ги послуша бидејќи поводот што го навеле за тоа не го признава, т.е. не ја признава уредбата на Владата со која почнуваат да течат роковите за избори. Со истата уредба продолжен е и неговиот мандат и на ДИК, за да може да има предвремени избори во земјата, но Деркоски тоа заборави да го спомене бидејќи по таа логика треба да си замине и тој од функцијата.
Она што е сепак најшокантното, е дека Деркоски денес му го даде премиерот Албанец на ДУИ, давајќи му го ексклузивното право на екс-спикерот на парламентот, Талат Џафери, да реши дали и кога ќе има избори. Бидејќи него не го интересира што решила Владата, не го интересира што решил Уставниот суд, не го интересира што парламентот е распуштен и што легитимитетот на Џафери не е толку неприкосновен. Со што ќе го плати Деркоски, односно со што ќе го платат тие за кои што одработува, за Талат Џафери да испорача датум за избори што го сака ВМРО-ДПМНЕ? За ваква крупна политичка услуга, која е уште покрупна, бидејќи ДУИ ќе мора да фати страна пред да почне кампањата, мора да има и крупна отстапка од страна на опозициската партија. А, најмногу што сака во моментов ДУИ, според она што го покажува деновиве, е да го освои последното ниво на власта, каде што ќе биде уште позаштитена од судења, ќе добие широка врата за корупција, ќе може да ветува многу вработувања, јавни набавки…
Опструкциите на Деркоски овие денови може да се засноваат само на два факта – едниот е дека верува дека не можат да го сменат, бидејќи нема Собрание кое ќе го изгласа тоа, а вториот е дека и тој веројатно добил ветување за некаква функција или друга награда, за да си дозволи да се издевалвира на функцијата и да ја доведе земјата во крупна политичка криза. Моменталната политичка парализа поради распуштеното Собрание, всушност, покажа како еден ситен политички калкулант преку ноќ се претвора во маестрален партиски извршител, кој води политика место да ја води Државната изборна комисија. И не е ни спорно притоа кои се причините што одбива да ги организира изборите, туку односот што го демонстрира кон институциите што ја преставуваат државата, избирајќи на која ќе и служи а на која не.
Веќе неколку недели, притоа, единствено што може да се слушне од Деркоски е што не може да направи, трагикомично барајќи услови за избори што во моментов не може да му ги обезбеди ни Финска. Избори со рокови и услови што биле предвидени во 2016 година, кога немаше корона вирус, кога немаше политичка парализа, кога немаше вонредна состојба, кога ситуацијата беше предвидлива и никој не знаеше дека еден ден цел свет ќе бара нова нормалност во начинот на кој што функционираат државите и граѓаните. Денеска, во тој стил, Деркоски порача дека ќе размислува дали да свика седница, дека изборите ќе почне да ги подготвува само ако добие решение од Џафери (дотогаш ќе си свирка), дека има намера да работи само според Изборниот законик и дека самиот ќе си утврдува рокови, т.е. ќе си тера педесетина дена прочистување изборни списоци, заборавајќи само да каже какви треба да бидат временските услови во кои тој може да спроведе избори.
Дури и да се сфати сериозно неговото толкување на законитоста во спроведување на изборите, за кое во нормални околности би му симнале капа, луксузот што си го дозволи со давањето оценка за важноста на уредбите на Владата, односно дека со укинувањето на вонредната состојба сите тие не важат, како да е врвен експерт за уставно право, покажа дека Деркоски има само една задача – а тоа е да опструира. Во меѓувреме и да не разговара, да не одговара, да не закажува седница, да не чисти списоци, да не работи ништо што е потребно за избори, кога и да се, и да гледа на саат кога ќе чукне точно часот да за почнат изборите според единствените рокови што тој може да ги исполни.
Деркоски треба да знае дека ова изживување со роковите, за кои тој не е надлежен, најмногу ги погодува граѓаните кои се измалтретирани од кризата и сакаат извесност на настаните, а пред се сакаат да знаат кога ќе можат да заминат на одмор, место да гледаат зачурени партиски глави како два месеци не можат да се договорат околу разлика од седум денови.