Депонијата гори, Охрид се гуши во екот на сезоната
Изминативе денови беа забележани чести пожари во депонијата Буково. Како што информираат од „Охридски комуналец“, во саботата 29 јули во попладневните часови од страна на непознато лице бил подметнат пожа. Екипите веднаш излегле на терен и го локализирале пожарот, но веќе по два дена на 31 јули бил подметнат друг пожар на сосема друга страна од депонијата Буково. Охридскиот градоначалник Кирил Пецаков за ДВ вели дека денеска конечно е изгаснат огнот во депонијата, но дека се уште се чувствува чад. „Екипите продолжуваат со депонирање на земја“, вели тој.
На терен вонреден инспекциски надвор изврши и Државниот инспекторат за животна средина. При инспекцискиот надзор во нестандардната комунална депонија Буково, утврдено е дека во неколку наврати интервенирала и Противпожарната единица на градовите Охрид и Ресен. Состојбата се следи интензивно на терен од страна на инспекциската служба и укажано е да се вклучат сите расположливи капацитети (човечки и механизација) за санирање на состојбата во насока на спречување на понатамошно загадување на воздухот и животната средина и заштита на здравјето на луѓето.
Во Северна Македонија постојат 52 нестандардни комунални депонии со кои управуваат јавните комунални претпријатија и две коишто се во согласност со стандардите – Дрисла и во Дојран. За нестандардните депонии во Охрид и Струга веќе подолго време се бара решение, за што локалните власти бараат помош од државата. Жителите од селата во близина на депонијата честопати протестираа и бараа решение за чадот кој секојдневно ги труе, но депонијата и понатаму останува „црна дамка“ на туристичката сезона, со оглед на тоа дека пожарите се најактуелни во летниот период.
УНЕСКО уште во 2017 година бараше до декември 2020 депонијата во Буково да е затворена и санирана. Тоа не беше сторено, делумно поради немање локација за регионална депонија.