Денови на италијански дизајн: Мастерклас на Додо Арслан во Скопје

Утре (10 март) , во 10 часот во Амфитеатарот на Машинскиот факултет во Скопје, Додо Арслан, еден од најпознатите италијански дизајнери, ќе одржи мастерклас посветен на италијанскиот дизајн.
Арслан е италијански дизајнер со ерменско потекло, кој живее меѓу Италија и Флорида. Тој е специјализиран за дизајн на мебел и светлечки тела, како и индустриски производи. Прогласен е од Министерството за надворешни работи на Р. Италија за Амбасадор на италијанскиот дизајн и се вбројува меѓу 90те најдобри дизајнери во светот.

Препознатлив е по неговиот еклектичен стил и користењето на најквалитетни и уникатни материјали. Има дизајнирано многу култни креации кои се одржливи и се истакнуваат како декор и практични додатоци на просторот.
Како добитник на наградата Young & Design и наградата за Mini Design и Pirelli Pzero, креациите на Арслан Додо се многу барани и популарни низ целиот свет.
Покрај дизајнирањето, тој предава и на различни универзитети во Италија, САД, Шведска, Аргентина, Бразил, Чиле, Хрватска и Египет со цел на идните генерации дизајнери да им ги пренесе своите знаења и искуства.
Мастеркласот на Додо Арслан е организиран од страна на Амбасадата на Р.Италија и ITA – Italian Trade Agency, во рамки на Деновите на италијански дизајн, со кои се промовира уникатноста и врвниот квалитет на италијанскиот дизјан.