Денеска има под 900 новозаболени, учениците од Струга и од Кичево ќе посетуваат настава


 

Бројот новозаразени со корона вирус на дневно ниво стагнира, а тоа дава за право учебната година да почне навремено на 1 септември, секако, со почитување на протоколите.

Министерот за здравство Венко Филипче, на денешната прес-конференција рече дека денеска бројот на новозаразени е под 900.

Вели дека протоколите за учениците се изработени и има можност децата со хронични болести или некој хроничен пациент во семејството имаат можност онлајн да следат настава, со што ќе се заштити ранливата категорија граѓани од зараза со корона вирус.

– Епидемилошката анкета го дава критериумот кој кога треба да се тестира. Општите превентивни мерки видовме дека даваат ефект – вели Филипче. – Никаде нема проблем таму кадешто се почитуваат протоколите.

Доколку се појави позитивен случај во училиште, епидемиолозите ќе проценат дали паралелката ќе треба да се префрли на онлајн настава или таа да се изведува комбинирано.

Тестирање на децата, кое е препорачано од СЗО и УНИЦЕФ, засега нема да има. Но, ако има индикација за тоа, ќе се направи рапид тестирање на учениците, но за тоа ќе одлучи епидемиолог.

Утрово Комисијата за заразни болести ги разгледа барањата за одложување на учебната година, и заклучи дека нема потреба од тоа, информира Филипче. Во Струга и во Кичево, може да се започне со нормална работа во училиштата.(Б.Б.)