Денес последно збогум на Исидора Бјелица: Кога ќе заминам организирајте забава во бело, не сум јас за тага


Србија– Писателката Исидора Бјелица, која почина во средата на 52-годишна возраст, ќе биде погребана денес во 16 часот во Алејата на заслужни граѓани на Новите гробишта во Белград. Комеморацијата на Бјелица ќе се одржи во 12 часот во малата сала на Сава центарот во Белград. Исидора почина во Белград по долга и тешка болест.

Многубројни познати личности се збогуваа со неа, а пејачката Зорана Павиќ откри една од последните желби на Исидора.

-Пингви, кога ќе заминам, организирај забава во бело… ме познаваш, јас не сум за тага и и лелекање…!’ Јас ќе го одржам ветувањето, ќе има забава во бело кога твојата изнемоштена душа ќе биде ‘на сигурно’… а ти намигни ни под некоја луда шапка дека сè е во ред и дека ништо повеќе не боли … Неповторлива моја, пингви … Ангелите нека ти ги залечат сите рани“, се наведува во објавата.

Татко ѝ, шаховскиот мајстор, новинар и писател Димитрије Бјелица, од кого го наследи својот тален за пишување и со кого го прошета целиот свет ја надживеа ќерка си.

Господинот Бјелица раскажа како изгледала поседната средба со неговата ќерка, која почина по тешката борба со карциномот во 52-та година од животот.

Последниот ден во болницата ‘Свети Сава’ ѝ однесов насловни страници од три наши нови книги ‘Го видовме целиот свет 2’, ‘Три магични Исидори’ и ‘Његош и црногорската убавица’. Љубезниот персонал ми дозволи да влезам, медицинската сестра се обиде да ја разбуди. Рече: ‘Иси, дојде татко ти за да ги видиш вашите нови книги од над 200-те’. Не се разбуди. Збогум, моја најдобра ќерко на светот! Твојој татко Бјели, со кој што го обиколи целиот свет“, порача шаховскиот мајстор, писател и новинар Димитрије Бјелица.

Покрај тоа што беше писателка се занимаваше и со филмска критика, моден дизајн, Бјелица беше режисерка, како и авторка на театарски претстави. Има објавено над шеесет книги, педесет под нејзино име, петнаесет под псевдоним.

Родена е во Сараево на 10 декември 1967 година, каде завршила средно училиште, а Факултет за драмски уметности во Белград, на Катедрата за драматургија, каде ги завршила магистерските студии и извесен период работела како асистент по предметот сценарио.

Во 1986 година, на 18-годишна возраст, ја објави својата прва книга насловена „Прво разбудена“, за која ја доби наградата на Книжевна младина на Југославија.

Со оглед на тоа дека нејзиниот дедо, Душан Ѓуровиќ бил претседател на Друштвото на писателите, Исидора се сретнала со големи писатели како Иво Андриќ и Меша Селимовиќ.

Како млада жена се залагаше за демократија, укинување на задолжителниот воен рок и крај на дискриминација врз геј-популацијата, поради што, меѓу другото, веруваше дека тогашната влада ја прислушкува и ја следи.

Како телевизиски автор работеше на повеќе проекти, како емисијата „Клот-Фркет“ на БК телевизија и БН телевизија и „Љубовен водич на Исидора“ на телевизијата Метрополис.

Како сценарист и режисер го потпиша првиот српски независен филм, „Дорќол-Менхетен“ во 2000 година.

Како моден дизајнер на шапки, одржа над десет модни ревии и доби голем број на меѓународни награди.

Како колумнист и филмски критичар, таа пишуваше за речици сите поголеми весници од поранешна Југославија. Најдолго време остана во „Курир“, кадешто од 2003 до 2007 година, пишуваше колумни по наслов „Блек сабат“.

Бјелица е автор на наградувани радио драми, од кои драмата за Исидора Секулиќ доживеа најголем успех.

Исто така, Исидора е добитнчка десетина книжевни награди и многубројни награди за нејзината хуманитарна дејност. Беше во брак со Небојша Пајкиќ, филмски критичар и професор и мајка на синот Лав Григориј и ќерката Вила Евангелина.

Во една своја книга вака се опиша: „Таа е Пајкиќ Исидора Димитриевна Бјелица. Русокоса, десничарка, војвотка, политарт комесар и скандал-мајстор на српската политика, миленичка на воените злосторници и организаторка на нацистичката журка во Сараево, озлогласена писателка, сопруга, мајка, тореадорка и пријателка на меѓународните монархистички кругови…“ (Убавина и здравје, Окно)