Ден на македонскиот јазик во Собранието: И јазикот ни е кроток


Јазикот е заштитник на нашиот идентитет, сегашност и иднина. Коренот на нашето битие и кодот на нашата посебност. Македонскиот јазик е чувар на нашата колективна меморија, историја и идентитет, основната карактеристика што не разликува од другите, вечниот паметник на нашето постоење и битисување и нашата лингвистичка гордост. Тоа го нагласи потпретседателката на Собранието Весна Бендевска во своето обраќање на одбележувањето на 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, а по повод јубилејот 80 години од излегувањето од печат на првата граматика на македонски јазик „Македонска граматика“ од Круме Кепески во рамките на Комисијата за култура и туризам.

Македонскиот јазик со својата долга усна и писмена традиција, подвлече дека е семето на постоењето на македонскиот народ и држава и стожер на нашата култура. 

– Македонскиот јазик е кодот на нашата културна особеност и нашиот уникатен светоглед во секој поглед. Тоа е јазикот на кој мислиме, честуваме, сонуваме, комуницираме, пееме и тажиме, се смееме и се радуваме. Јазикот на кој љубиме и твориме, со кој се раѓаме и умираме, рече Бендевска, подвлекувајќи дека македонскиот јазик е столбот на нашиот идентитет, дом, татковина, завет и аманет за следните генерации.

Опасноста што му се заканува на нашиот народ од страна на пропагандите, според неа, не само што не обврзува, туку и ни дава полно право да ги употребиме сите средства за да го зачуваме нашиот народен јазик и интереси.

– При тоа, ние не посакуваме ништо туѓе, туку го браниме само своето, подвлече Бендевска.

Претседателката на Комисијата за култура и туризам, Саранда Имери-Стафаи посочи дека фокусот на одбележувањето на Денот на македонскиот јазик годинава е насочен кон една суштинска алка на општеството – изучувањето на јазикот во образованието. Како повод го имаме јубилејот 80 години од излегувањето од печат на првата македонска граматика од Круме Кепески, со која стандардизацијата на јазикот влезе во пракса.

– Граматиката на Кепески го воведе македонскиот јазик во училишните клупи. Токму како филолог и наставник по странски јазик, секој ден се уверувам во следново: „За да го разбереш светот и другите култури, мора прво да го владееш својот мајчин јазик“. Како председателка на Комисијата за култура и туризм, стојам на ставот дека јазикот е жива материја, која мора да се негува токму таму каде што се раѓа писмеността, во училишните клупи, рече Имери-Стафаи.

Универзитетската професорка Јованка Кепеска, ќерка на авторот на граматиката Круме Кепески, забележа дека граматиката има национално значење, бидејќи ја извршила задачата на вековниот стремеж на македонскиот народ да создаде граматика.

– Кај Хегел има исказ дека секој народ стреми кон граматика и тогаш кога ќе го постигне своето високо апстрактно мислење, создава граматика, што би се рекло, се создава научно осознавање на својот јасик. Стремежот кон граматика е присутен вековно во македонскиот народ, рече Кепеска.

Круме Кепески, додаде, се отповикува на предлогот на Пулевски да се соберат луѓе од сите краишта на Македонија, кои го познаваат чисто македонскиот јазик и да направат книга која ќе служи во сите училишта и за правење книги. 

– Круме Кепески автохтоно се одлучува да создаде граматика толку рано после во ослободувањето, бидејќи идејата за ослободување била прашање кога ќе биде ослободен македонскиот народ. Дискусиите траеле, ставовите се формирале, постои духовен круг во Белград меѓу македонските студенти од различни профили, во 30-тите години, кои веќе говорат за тоа што би била основата за да се создаде литературен јазик, истакна Кепеска. 

Иако имало различни мислења, посочи дека нејзиниот татко и Крум Тушев го бранеле гледиштетото да бидат земани централните говори, пред се прилипско-битолскиот говор.

Во својот труд, Кепески, најпрво ги препознал и изводил дијалектите на македонскиот јазик и направил споредба со бугарските дијалекти.

– Тоа е пишано, многу тешко го транскрибиравме, но постои и би бил добар за понатамошна анализа. Преку тој труд, тој ги надополнува своите сознанија за развојот на македонскиот јазик, од Кирил и Методија, Климент и Наум и ќе рече „тоа беше јазикот што јас го познавав“. Така што граматиката ја создава самоинцијативно, без никаква директива во тоа време, рече Кепеска.

Македонската граматика, појасни дека авторот ја означил како санкционирање на една објективна состојба која постоела во македонскиот јазик кај македонскиот народ и која покажала во сите основни граматички делови: и во фонетиката, и во морфологијата, и во ситаксата, дека се разликува од бугарскиот и од српско-хрватскиот јазик.

– Граматиката беше основа да се осознава македонскиот јазик, врз основа на граматиката да се создадат сознанијата кај најзначајните слависти, односно сублимант на  карактеристиките за македонскиот јазик, кај светски филолози, подвлече Кепеска.

Пратеничката и наставничка по предметот македонски јазик, Даниела Христова осврнувајќи се на важноста на македонскиот јазик во образовниот процес истакна дека тој има централна улога во образовниот процес во Република Македонија, бидејќи, како што рече, претставува основно средство  преку кое се стекнуваат знаења,  се развива и се обликува личноста на еден ученик.

– Преку јазикот не само што учениците се стекнуваат со знаења и вештини, преку него се пренесуваат и семејните и културните вредности, а со тоа се зајакнува и чувството на припадност и идентитет кај младите генерации. Дополнително на тоа, во една мултикултурна држава, каква што е Македонија, јазикот ја потикнува комуникацијата меѓусебното разбирање и почитта во едно мултикултурно обптество, рече Христова.

Преку македонскиот јазик, подвлече, учениците учат да читаат и пишуваат правилно, но и да размислуваат, анализираат, создаваат и изразуваат свој став. 

– Ако ученикот не го разбира јазикот, тешко може да напредува и во математиката, во историјата, природните науки. Затоа, овде е важна улогата на наставникот по македонски јазик и не е само тој да предава граматика и правопис, току тој е тука и да им помага на учениците да изградат јазична сигурност и самодоверба во изразувањето. Затоа, од гледна точка на наставникот, верувам дека негованиот јазик создава одговорни и образовани личности, нагласи Христова, упатувајќи порака до сите Македонци, особено до младите генерации да го чуваат јазикот.

Во време на многу предизвици и искушенија, услови на глобализација и модернизација, како и силено влијание на странските јазици, нагласи, дека мораме да си го чуваме и одржуваме јазикот, бидејќи немаме резевен.

– Ако го изгубиме јазикот, сме се изгубиле самите себе. Јазикот е нашиот идентитет, нашата татковина и без јазик сме никој и ништо, подвлече Христова.

На одбележувањњето 80 години од објавувањето на македонската граматика од Круме Кепески, пратеничката и универзитетска професорка Иванка Василевска подвлече дека граматиката претставува највисок степен на јазичната свест. 

– Изучувањето на македонскиот јазик не е помошна дисциплина, туку јадро на образовниот процес. Граматиката претставува највисок степен на јазичната свест. Таа не е механички збир на правила, туку систем што ја открива внатрешната организираност на јазикот. Со граматиката, јазикот престанува да биде само средство на изразување и станува предмет на знаење. Токму тука се вградува значењето на делото на Круме Кепески. Неговата македонска граматика го означува преминот од јазик што се употребува кон јазик што се разбира, подвлече Василевска. 

Во современиот свет, каде што комуникацијата е брза, а влијанијата се силни, нагласи дека значењето на систематското изучување на јазикот станува уште по нагласено. 

– Само јазик што е длабоко разбран може да биде отпорен, функционален и развоен. Без јазична стабилност, образованието губи дел од својата суштина, а мислата ја губи својата јасност. Затоа, делото на Круме Кепески не припаѓа само на историјата. Тоа станува активно присутно во секој училница, во секој учебник и секој обид за јасно и прецизно изразување, рече Василевска.

Велика Стојкова-Серафимовска, пратеничка и универзитетска професорка, етно музиколог и фолклорист посочи дека македонскиот јазик е главна алатка на која работи истражува и секојдневно го користи не само како средство за комуникација, туку и како средство за работа. 

– Не случајно македонската музика е толку мелодична и толку впечатлива. И не случајно уште на времето се кажувало кога поминувате низ Македонија ќе ве натпеат, натсвират и надиграат. Во разговор со многу светски научници кои што ја истражувале нашата музика и македонскиот јазик секогаш сум добивала епитети дека македонскиот јазик е многу кроток, милозвучен, мек, ритмичен, но возбудлив, дека фонетиката ни е специфична, укажува на кроткост, смиреност…., сето тоа не опишува и нас како луѓе и како нација, истакна Стојкова-Серафимовска.

Таа забележа дека Македонија има прекрасна младина која го сака својот јазик.

За значењето на македонскиот јазик говореа и пратеничката и универзитетска професорка Бисера Костадиновска-Стојчевска, како и универзитетските професори Димитар Пандев и Васил Дрвошанов.