Делегација на ЕУ на заседанието на Генералното собрание на ОН во Њујорк


Делегација на Европската Унија предводена од претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен неделава престојува во Њујорк на 80-тото заседание на Генералното собрание на ОН на високо ниво. 

Како што соопшти Европскиот совет, предвидено е Кошта в четврток да има обраќање пред Генералното собрание, при што ќе ја потврди посветеноста на ЕУ на Обединетите нации, мултилатерализмот, почитувањето на меѓународното право и на признавањето на суштинските врски меѓу мирот и безбедноста, човековите права и одржливиот развој. 

– Како што воената сила, политичката принуда и економскиот притисок го тестираат меѓународниот поредок базиран на правила воспоставен по Втората светска војна, за време на кој започна проектот за европска интеграција и беа создадени Обединетите нации, мултилатерализмот ни е потребен повеќе од кога било, ќе порача Кошта. 

Тој во обраќањето ќе го потенцира и значењето на меѓународното право, заедничките институции и на ОН за современиот свет, чија алтернатива би биле хаосот и војната.  

– ЕУ е и ќе остане постојан партнер на ОН и на мултилатерализмот, поддржувајќи ги реформите на Обединетите нации, со цел да бидат поефикасни, поинклузивни и подобро подготвени да им служат на луѓето во услови на денешните и идните предизвици, ќе наведе Кошта во обраќањето пред светските лидери на Генералното собрание на ОН. 

Покрај ова, Кошта денеска ќе присуствува на Меѓународната конференција на високо ниво за мирно решавање на палестинското прашање и имплементација на решението за две држави, чиј организирани се Франција и Саудиска Арабија, в четврток ќе биде домаќин на состанок на ЕУ со лидерите на тихоокеанските островски земји, а во текот на неделата ќе учествува и на повеќе други собири и настани и ќе има и поголем број билатерални средби.  

На конференцијата за решавање на палестинското прашање ќе учествува и Фон дер Лајен, која, покрај тоа денеска ќе има обраќање и на Глобалниот самит за обновливи извори на енергија. 

Утре Фон дер Лајен ќе присуствува на конференцијата „Враќање на детството и човештвото – унапредување на мирот во Украина преку враќање на украинските деца“, а в среда и на собирот „Заштита на децата во дигиталното доба“ и на панел-дискусијата на тема „Инвестирање во обновливата енергија во Африка“. 

Во составот на делегацијата се и високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, извршната потпретседателка на Еврокомисијата, Тереза Рибера и комесарите Дубравка Шуица, Вопке Хукстра, Јозеф Сикела, Хаџа Лабиб, Магнус Брунер, Јесика Росвал, Ден Јергенсен и Глен Микалеф.