Дебар маало ја чека клупата на бардот Горан Стефановски


Дебар маало се уште ја чека на клупата на бардот на македонската култура, режисерот Горан Стефановски. Пандемијата на Ковид-19 го одложи поставувањето во Скопје, во чест на неговиот роденден, 27 април. Клупата требаше да стигне од Лондон. Стефановски, кој со семејствотo живееше во Кентербери, Англија, почина во 2018 година на 66-годишна возраст. Телото на Стефановски беше кремирано на 5 декември 2018 година во „Barham Crematorium“ во Кентербери, а во својот тестамент Стефановски изрази желба пепелта да биде растурена над Охридското Езеро.

Дел од неговото богато творештво се Клинч, Јане Задрогаз, Чиракот Шекспир (радио-драма, 1975),, Сослушувањето на железничарот (тв-драма, 1976), Томе од бензиската пумпа (тв-филм, 1978), Наши години (тв-серија, 1979), Диво месо (драма, 1979), Лет во место (драма, 1981), ХИ-ФИ (драма, 1982), Дупло дно (драма, 1983), Тетовирани души (драма, 1985), Бушава азбука (детска ТВ-серија, 1985), Чернодрински се враќа дома (драма, 1991), Демонот од Дебар Маало (драма, 2006) и многу други.

Во исчекување на клупата синот на Горан, Игор Стефановски извести на Фејсбук дека е формирано Здружение на граѓани за зачувување и промоција на културното наследство на Горан Стефановски.

– Клупата на Горан е сосема готова! Едвај чекам да си дојде на своето предвидено место и да можеме да си седнуваме на неа со него. Е сега, не се знае кога ќе имаме можност да се собереме во Дебар Маало за поставувањето, ама важно е готова…

Втората работа е дека формиравме Здружение на граѓани за зачувување и промоција на културното наследство на Горан Стефановски (догличко, да, ама може и Здружение Горан Стефановски..

Целта на Здружението е едноставна: опусот на Горан да биде секогаш на дофат, во различни форми (и дигитални), дека он не пишуваше само драми и не мора да си академик за да го разбереш. Би сакале бар едно нешто од него постојано да биде во книжарниците во нашата земја, бидејќи тој е еден од оние кај нас кои го заслужуваат тоа. Доста беше ситуација во која Диво Месо се чита во гимназија, а ја нема никаде да се купи како лектира. Тоа е таква балканска Кеч22 ситуација — баш таквите него го фасцинираа и го инспирираа. (Памтам дека средношколци редовно ни тропаа на врата барајќи копија од драмата, и кога веќе немаше за давање, татко ми почна да им кажува “прашај ја учителка ти зошто немаат они да ви дадат…”

Е сега, ова не значи дека ќе ве тераме на сила да ги читате неговите драми. Сепак, би било убаво што повеќе луѓе да знаат за што се работи Диво Месо, исто како што оние во дијаспората (или оние кои планираат да отидат натаму) би требало да ја знаат премисата на Тетовирани Души. Се разбира, Горан остави и многу други бисери и мудрости во есеи и говори кои се надеваме дека ќе можеме да ги прошириме во јавноста, особено за помладите генерации.

Свесни сме дека нема да успееме без ваша помош и поддршка, и сакам и да ви кажам дека сме подготвени за секаков вид на соработка, со секого, за да ја реализираме нашава идеја (ова е сепак отворено здружение на граѓани).

А за вас кои сè уште го читате ова, имаме мала награда/изненадување… Со цел да го обележиме нашето основање и, еве, да почнеме да го правиме она за кое сме тука, имаме 25 копии од новото издание на култната Конзервирани Импресии на Горан за давање! Во соработка со издавачот Темплум, првите 25мина кои ќе отидат на ФБ страницата на Здружението (побарајте во search…) ќе можат да си подигнат копија од нешто што навистина мора да се прочита. Затоа, посетете нè, лајкнете/зачленете се и земете си гага книвче (ако останале :)), напиша на Фејсбук Игор Стефановски.