Данска нема да го активира член 4 од НАТО по инцидентот со дроновите

Данска нема намера да го активира член 4 од Северноатлантскиот договор, и покрај тоа што беспилотни летала навлегоа во близина на цивилни и воени објекти и привремено го затворија воздушниот простор на земјата оваа недела, изјави министерот за надворешни работи Ларс Леке Расмусен.
Член 4 предвидува консултации меѓу членките на НАТО доколку некоја од нив смета дека нејзината територија, независност или безбедност се загрозени. Во историјата на Алијансата, оваа одредба била активирана девет пати, последен пат во врска со Полска и Естонија.
– Немаме причина да го правиме тоа, рече Расмусен, нагласувајќи дека иако ситуацијата е сериозна, не бара повикување на Членот.
Премиерката Мете Фредериксен го поврза инцидентот со наводни руски активности со дронови низ Европа, но не понуди докази. Москва ги негираше обвинувањата.
Истовремено, данскиот министер за надворешни работи објави дека земјата ќе обезбеди нов пакет воена помош за Украина во вредност од 2,7 милијарди дански круни (422 милиони долари), од кои голем дел ќе биде вложен во украинската одбранбена индустрија.