Дангов го бранеше Салиу: Болката колку и да е силна, не може да биде причина за обвинение


Адвокатот на поранешниот директор на ДСЗ, Шабан Салиу, кој е еден од обвинетите за пожарот во „Пулс“ во Кочани – Димитар Дангов денеска на судско рочиште го нападна Обвинителството и ги праша обвинителите, „дали кофата за гаснење на пожарот не била и во рацете на Обвинителството“.

„Ако некој во синџирот на каузалната врска си ја вршеше својата работа, и на 15 март 2025 година или на 16 март 2025 година пред да се запали фитилот на огнометот, го затвореше Пулс, дали во таков случај кога пожарот немаше да се случи, да дадеше Господ така да беше, Шабан Салиу ќе беше одговорен, само затоа што 9 до 14 години порано не постапувал по управно-правни обврски, кои не биле ниту во негова надлежност. Дали во таква ситуација кога го нема пожарот, ќе се сметаше дека го сторил делото? Ќе беше ли одговорен? Не! Немаше да биде одговорен како што и сега не е одговорен, но немаше да биде ни обвинет“ – рече Дангов.

Адвокатот смета дека се бара вина од Салиу само поради болката која трагедијата ја донесе.

„Тој е обвинет само поради пожарот на 16 март и болката која таа трагедија ја предизвика во нашето општество. Болката колку и да е силна, не може да биде причина за обвинение. Правда не се гради на чувства туку на вистина. Да биде осуден, не е доволно Салиу да биде обвинет“, додаде Дангов.

Адвокатот се чуди како директорот на ДЗС е обвинет и се смета за виновен за трагедијата, а неговите колеги, односно директорите на Државниот пазарен инспекторат не се опфатени со обвинението.  Според него, тоа се надлежности со иста тежина во управни институции. 

Дангов смета дека неговиот клиент е обвинет како „пра, пра, прадедо за дело кое го направил неговиот внук, за кое пак и тој не е одговорен“. 

Цитираше повеќе закони кои ја определуваат должноста на директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, кои пак не укажуваат на обврски за непостапување.

Најави дека низ постапката ќе докажат дека Салиу не може да биде виновен за делата кои му се ставаат на товар. 

За Салиу обвинението е политичка конструкција

Поранешниот директор на ДЗС, обвинет во случајот за пожарот во дискотеката „Пулс“ Шабан Салиу смета дека обвинението е политичка конструкција под притисок на јавноста. Не гледа одговорност за трагедијата во која животот го загубија 63 млади луѓе, бидејќи според него инспекција требало да прави Пазарниот инспекторат. Вели дека никоша додека бил на функцијата, од 2008 до 2017 година во ДЗС не пристигнала преставка од инспектори или граѓани поради загриженост за безбедноста во дискотеката во Кочани, напротив никој во Дирекцијата не знаел дека такво кабаре постои.

-Обвинет сум за евентуална умисла, сум бил свесен, замислете, со години дека ќе има пожар на 16 март, Бог да чува. Тоа не може ни Баба Ванѓа да го предвиди, а камоли јас. Барам судењето да биде фер, да не биде под притисок на политиката и медиумите, рече Салиу во својот вооведен збор.

-Сопствениците на угостителски објекти техничките услови што ги исполнуваат ги штиглираат во барањето и се потпишуваат, и ги носат до Пазарна кои ако се сомневале треало да излезат на терен, да проверат. Ако нема елаборат како ДЗС да биде виновна, за нас бил непостоечки објектот.  Ние не сме дективи за дивоградби и нелегални објекти, надлежноста е кај други, рече Салиу кој неколкупати во својот збор повтори дека обвиненеито е политчки конструирано.