„Дамите бираат“: Дац и Александар во МНТ со специјална програма и гости за Денот на жената


Фото: Б. Грданоски

„Дамите бираат, а мажите резервираат“ е мотото на двата концерти на Дац и Александар за Денот на жената, на 6 и 7 март во МНТ. Нормално за двоецот кој живее боемски, а се романтичари по душа, како што велат тие.

Актерот и композиторот кој пред повеќе од седум години, ги споија професионалните патишта, (по наговор на Копров)  направија бум со старите и новите песни и спотови во кои сите се препознаваме, тука и во регионот, а сега се синоним за добра забава во кафулиња и на корпоративни дружења  во Скопје и низ Македонија. Беа поинакви со „Корона чао“ и со епизодата со тогашниот бугарски премиер Бојко Борисов како во кола го слуша нивниот хит. Со „Љубовен пасош“ го обединуваа регионот, прво со Бугарија. Сега врвот им се концертите во МНТ.

„Концертите се распродадени, а според заинтересираноста можеле да бидат и пет, рече денес на пресот, директорот на МНТ, Никола Кимовски, за кого концертите се повеќе од музика, туку настан кој ѝ треба и е баран од публиката“. Условно „третиот“ концерт за сите оние кои не дошле до карти за двата концерти, е на 18 јуни, кога ќе се отвори Летната сцена  на МНТ , трета година во чест на актерот Славиша Кајевски, (кој почина на 39 години во декември 2021), а која по концепт ќе биде своевидна журка.

Фото: Б. Грданоски

„Гласовите, инструментите и срцата ќе се соединат со една мисла – да се прослави жената во сите нејзини улоги. Ќе ја исполниме сцената во МНТ со љубов, убавина и ноти што допираат до душата“, истакнаа денес на пресот.

Двата концерт на 6 и 7 март, како што кажа Дац, кој прв пат на сцената на МНТ ќе настапи како пејач, а не како глумец, ќе се состои од три дела. Коктел во фоаје, па концерт, па повторно дружба во фоајето по полноќ. На репертоарот, дообјасни Александар Митевски, ќе бидат сите нивни хитови и евергрини, барани низ цела Македонија и нивните настапи во „Трибека“. Ќе има посебна сценографија, прв пат со придружен бенд „Дрим тим“ со 17 музичари на сцена, врвно осветлување и звук и специјални гости кои не беа откриени денес.  

Фото: Б. Грданоски

На денешниот прес, официјално беше промовиран првиот винил на двоецот, по нивниот хит „Уште ми фалиш“. На неа се песните кои продуцентот Митевски и актерот Драган Спасов-Дац ги испеаја од 2019 до денес, како „Цреши охридски“, „Душа бакшиш“, „Четири страни“, „Љуби ме“ и други.

„Плочата е црвена како љубовта, а можете да ја имате и вие посветена со наши потписи“, рекоа Митевски и Дац, ако ја порачате. Винилот снимен во Сони во Австрија, ќе биде во претпродажба и за време на концертите. (Л.С.)