Дали во Грција има „скриена радост“ од бугарската блокада?


Јавни изјави нема, нема ни осуда, нема ни поддршка во Атина по блокадата на Бугарија на преговарачката рамка за Македонија. Официјалните грчки власти одлучија да молчат водејќи се од различни мотиви. Кога сега владејачката Нова демократија  беше во опозиција таа беше остар противник на Преспанскиот договор склучен меѓу левичарскиот премиер Алексис Ципрас и Зоран Заев. Кога Киријакос Мицотакис стана премиер тој изјави во име на владата дека ќе го спроведува Преспанскиот договор.

Но што се случува? Меморандумите за разбирање меѓу Северна Македонија и Грција кој е дел од Преспанскиот договор сѐ уште не се поминати во грчкиот парламент, а изгледа дека на грчката влада и не ѝ се брза. Напротив, како да сака да го забави процесот.

Во септември грчките медиуми пишуваа дека Нова демократија не може да најде известувач кој ќе зборува позитивно за Преспанскиот договор во трите меморандуми што треба да ги усвои грчкото собрание. Изгледа кај десницата никој не се нафаќа да биде „жртва“ што потоа би можело да значи дека мора да се понесе висока политичка сметка. А изгледа дека на Нова демократија тоа ѝ одговара. Особено сега, по бугарската блокада во која заедно со Македонија во истиот лонец е ставен и уште еден сосед на Грција со кој односите не се баш мазни – Албанија.

Во соопштението на Министерството за надворешни работи по посетата на Мајк Помпео пишуваше „историскиот“ Преспански договор, но по неколку часа зборот „историски“ беше избришан

 

Кога американскиот државен секретар, Мајко Помпео, на крајот од септември беше во Атина грчките власти испратија конфузна порака дали Преспанскиот договор е историски или не. Во инцијалното американско-грчко соопштение се наведува „историскиот“ Преспански договор. Англиската верзија од ова соопштение беше веднаш објавена од грчкото министерство за надворешни работи, но грчката верзија уште не е публикувана. Па дури и во англиската верзија беше направена измена. Во оригиналната верзија стоеше „историскиот“ Преспански договор, но неколку часа подоцна беше избришан зборот „историски“ и остана само оваа реченица: „Тие ги истакнаа напорите на Грција за оваа цел, забележувајќи ја континуираната важност на Договорот од Преспа и последователното пристапување на Северна Македонија во НАТО, притоа истакнувајќи ја важноста на неговото доследно спроведување во добра верба“.

За оваа промена ниедна од двете страни досега не понуди какво било објаснување. (Н.В.)