Дали Владата ќе заштеди со линеарното зголемување на пензиите од 1.000 денари
До крајот на годинава, за зголемувањето од илјада денари државата ќе треба да обезбеди дополнителни околу 16,8 милиони евра, а според постојнaта методологија, врз основа на движењето на трошоците на живот и порастот на платите, најверојатно би бил потребен поголем износ

Линеарното зголемување на пензиите од 1.000 денари во октомври годинава (за септемвриските пензии) и исто толку во април идната година (за пензиите за март 2026 година) би можело да ја чини Владата помалку во вкупен износ во однос на законскиот принцип за процентуално зголемувања на примањата на пензионерите. До крајот на годинава, за зголемувањето од илјада денари државата ќе треба да обезбеди дополнителни околу 16,8 милиони евра, а доколку според постојното законско решение, усогласувањето би изнесувало на пример пет отсто, тогаш за истата намена би биле потребни речиси 22 милиони евра, или 17,8 милиони евра доколку усогласувањето би било скромни четири отсто.
Ваквата процена, се разбира, не се темели на егзактни показатели, туку на движењата на трошоците за живот (односно инфлацијата) годинава и на порастот на просечната плата во државата. Прецизна споредба би можела да се направи во август, кога ќе излезат податоците на Државниот завод за статистика за инфлацијата и за растот на платите. Исто така, треба да се има во предвид дека при процентуалното зголемување најмалку ќе добијат оние со (нај)ниски пензии, кои ги има и најмногу, а многу повеќе пензионерите со високи месечни надоместоци, кои се релативно малку на број.
Владата во повеќе наврати укажува дека со линеарното зголемување на пензиите сака да го намали јазот меѓу оние со ниски пензии и оние со високи. Од друга страна, повеќе економисти укажуваат на фактот дека пензиите се резултат на издвојувањата на пензискиот придонес за време на работниот стаж, а не социјачен надоместок. Според нив, помагањето на пензионерите со најниски примања (што е потребно) треба да се врши на друг начин, преку социјалната заштита, без да се дерогира пензискиот систем во целина.
Но, што покажуваат пресметките врз основа на достапните податоци од ПИОМ, Државниот завод за статистика и на поранешното Министерство за труд и социјална политика и кои, нагласуваме, не треба да се земат „здраво за готово“.
Според последните податоци за состојбата на бројот на корисници на пензија и просечно исплатената пензија за мај 2025 година, достапни на интернет страницата на ПИОМ, во земјава имало 344.796 пензионери, а просечно исплатената пензија (за мај 2025 година) изнесувала 26.157 денари.
Тоа значи дека за исплата на вкупните пензии во овој месец, биле потребни нешто повеќе од 9 милијарди денари или 146,6 милиони евра.
Со линеарно зголемување на пензиите, излегува дека месечно од октомври оваа година ќе бидат потребни (344.796 пензионери по илјада денари) дополнителни околу 5,6 милиони евра, или за месеците октомври, ноември и декември, вкупно околу 16,8 милиони евра.
Доколку пак, се задржи постојната Методологија, која предвидува усогласување на пензиите два пати годишно (во март и во септември), врз основа на принципот 50 отсто за зголемување на тршоците на живот и 50 отсто врз основа на зголемувањето на просечната плата, за оваа намена најверојатно би биле потребни повеќе пари.
За илустрација, еве дел од соопштение од март 2023 година на тогашното МТСП: „Пензијата согласно новата Методологија, се усогласува на 1 март и на 1 септември секоја година според процентот кој се добива како збир на порастот на индексот на трошоците на живот во претходното полугодие и процентот на порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Република Северна Македонија во претходното полугодие во однос на полугодието кое му претходи.
Усогласувањето на септемвриските пензии (во 2023, заб.) кои се исплатија со комбиниран модел од 50% пораст на просечната плата и 50% пораст на трошоци на живот односно усогласувањето беше во висина од 6.8%, (порастот на плати 6,6% а порастот на трошоци за живот 6,9%) со што просечната пензија од 16.348 денари се зголеми на 17.666 денари.
Усогласувањето на мартовската пензија согласно методологијата ќе се зголеми за 8,4 % (пораст на плати 6,1 и пораст на трошоци за живот 10.6%) со што просечната пензија од 17.666 ќе се зголеми на 19.150 денари“ ( се однесува на март 2023 година, заб.).
Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека трошоците на живот во првите шест месеци годинава во однос на истиот период лани биле поголеми за 3,8 отсто, а во однос на просекот лани за 2,6 отсто.
Просечната исплатена нето плата, пак, за првите четири месеци годинава во однос на истиот период лани била поголема за 9,9 отсто, а во април годинава во однос на просекот лани за 10,2 отсрто (треба да се земе во предвид дека Методологијата предвидува споредба на порастот на просечно исплатената плата во претходното полугодие во однос на полугодието кое му претходи, заб).
Доколку се задржи ваквиот тренд за трошоците на живот и на платите и во наредните месец-два, лесно може да се случи усогласувањето на пензиите според постојната Методологија да биде најмалку 6,5 отсто или повеќе.
Но, дури и со поконзервативен пристап, од четири отсто, врз основа на постојниот број пензионери, на ПИОМ би му биле потребни 5,86 милиони евра месечно, а доколку усогласувањето е пет отст0 7,3 милиони месечно дополнителни средства за да ги исплати своите обврски кон пензионерите.
Откако лани во октомври и годинава во април Владата го реализира предизборното ветување за линеарно зголемување на пензиите од 5.000 денари, пораките беа дека се враќа принципот на процентуално зголемување на пензиите. Тоа во повеќе наврати го изјавуваше и министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, а само пред една недела на трибина на ВМРО-ДПМНЕ во Кочани заменик-министерот за труд, социјална политика и млади, Ѓоко Велковски, порача дека „нема да има ново линеарно зголемување на пензиите“ и дека „не можеме да си играме со пензискиот систем“.
Според Велковски, пензискиот систем не може да се решава преку „импровизирани и моментални одлуки“, а линеарното зголемување од 5.000 денари било „со цел да се подобри состојбата на сите пензионери“, односно дека тоа зголемување се однесувало еднакво за сите пензионери, и оние со најниска, и оние со највисока пензија.
„Промените во Законот за пензиско и инвалидско осигурување не можат да бидат ад – хок решение. Она што го направивме во првите девет месеци со линеарното покачувањето од пет илјади денари, беше со цел да се подобри состојбата на сите пензионери. Треба да се промени цел еден систем, бидејќи во моментот односот вработени – пензионери веќе не е 2:1, туку е 1:1, 5, дури ни толку. Не можеме да си играме со пензискиот систем. Не можеме да дозволиме наши граѓани да останат без примања во пензионерските денови“ – рече во Кочани заменик министерот Велковски, на трибината насловена „Граѓаните во центарот на промените – работиме за подобар живот на сите, со фокус на пензионерите“.
Тој исто така додаде дека е формирано владино тело од стручни лица кои работат токму на промените во пензискиот систем, како и дека „не може ден за ден да се решава, не можеме сега, во јули, набрзина да донесеме одлука што да се прави во септември, па да направиме штета на голем дел од вас“.
Тој посочи дека мерката за линеарно зголемување на пензиите придонела односот помеѓу најниската и највисоката пензија веќе да не 1:7, туку е 1:4.
Што се променило за овие седум-осум дена во процените на владејачката партија не е познато, но во четвртокот премиерот Христијан Мицкоски во интервју за Канал 5 телевизија најави ново линеарно зголемување на пензиите и повторно законска интервенција за да се обезбеди ваквата мерка која треба да се направи многу брзо, со оглед дека во средината на октомври се најавени локалните избори, а линеарното зголемување, случајно или намерно, пензионерите ќе го добијат две недели пред да излезат да гласаат.
Инаку, најголемо учество во структурата на тековните расходи и во ребалансот на Буџетот кои чекаат собраниска потврда, имаат трансферите, за кои во овој период се исплатија 102,8 милијарди денари. За редовна исплата на пензиите се наменија 42,9 милијарди денари.