Дали македонскиот воз ќе замине или ќе остане на перонот?
Прашањето е дали треба да престанеме денес, од страв дека утре ќе мора да запреме?
Повторно денес во Собранието треба да биде доставен предлог-закон кој се однесува на европската иднина на државата. Тоа е суверен избор што ќе треба да го направи Собранието. Во текот на изминатите 365 дена се разговараше многу на оваа тема. Овие дебати досега не беа доволни за да се постигне политички консензус. Но тие овозможија одредени појаснувања. Она што останува да се разговара, со дел од политичките кругови, се условите поврзани со реформата, а не самата реформа.
Нема да навлегувам во детали. Но би сакал да поставам прашање: дали треба да престанеме денес, од страв дека утре ќе мора да запреме? Влеговме во фаза на историско забрзување и проширување. Останува прашањето дали македонскиот воз ќе биде еден од оние што ќе заминат или ќе останат подолго на перонот.
Компромисот што го постигнавме минатото лето не е совршен. Тоа е компромис. Но неговата прва заслуга е што го овозможи ова заминување. Постои моментум, постои можност да се искористи, овде и сега, за европската иднина на Северна Македонија. Во текот на изминатата година беше покажано големо охрабрување на европски план. Франција имаше свој удел во тоа, со последователните состаноци на највисоко државно и владино ниво: во Прага, Тирана, Лондон и Братислава. Министерката за Европа, г-ѓа Бун, беше овде во ноември, а овој понеделник повторно доаѓа, овој пат заедно со нејзините колеги од Германија и Полска. Во исто време, се организираа четири посети на француски пратеници, а за наесен е предвидена и петта.
На економски план нашите односи се зајакнуваат. Тоа е неопходно. Во следните месеци, Француската агенција за развој се подготвува да ги иницира првите конкретни активности во земјата во партнерство со Македонската развојна банка. Во областа на обновливите извори на енергија, една од најиновативните и најреномирани француски компании, е подготвена да започне инвестиција која би била најголема во целиот регион на Западен Балкан од областа на сончевата енергија. Таа само чека позитивен сигнал.
Периодот кој е пред нас е од клучно значење. Изборот што ќе се направи ќе биде одлучувачки за продолжување на модернизацијата на земјата, а во насока на реформите кои остануваат суштински, а кои не смеат повеќе да се одложуваат. Во свет кој стана понестабилен и позаканувачки, обележан со продолжување на воената агресија врз Украина, сите го препознавме и го поздравивме извонредниот и беспрекорен став на Северна Македонија за оваа тема. Кога треба да се направи избор, Северна Македонија е секогаш партнер од доверба.
(Сирил Бомгартнер е амбасадор на Франција. Ова е неговиот говор по повод францускиот национален празник, одржан на 14 јули 2023)