Дали „Катар ервејс“ ќе стане нов стратешки партнер на „Ер Србија“?
„Ер Србија“ има потреба од стратешки партнер за да обезбеди дополнителен капитал за можните ризици кои доаѓаат од меѓународното опкружување и за натамошно проширување на мрежата, изјави уредникот на воздухопловниот портал Танго шест, Петар Војиновиќ.
Тој за Бета, во врска со изјавата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, дека на домашната авиокомпанија „Ер Србија“ ѝ треба стратешки партнер, рече дека целта е да се обезбеди дополнителен капитал за вонредни ситуации, преку стратешко партнерство кое не може да надмине 49 проценти косопственост, поради правилата на Европската комисија (ЕК).
Српскиот претседател Александар Вучиќ побара од катарскиот емир Тамим бин Хамад Ал Тани „Катар ервејс“ да ја проучува можноста да преземе удел во „Ер Србија“ и да стане нејзин стратешки партнер. За време на посетата на Доха, Вучиќ рече:
– Денеска ‘Ер Србија’ е целосно во рацете на Србија. Има чист биланс, но сакаме да избегнеме идни ризици бидејќи движењата на пазарот не зависат само од нас. Го замолив емирот на Катар да ни помогне во иднина и да видиме дали се заинтересирани да станат наш стратешки партнер. Тоа би било исклучително важна инвестиција за нас. За ова подетално ќе разговараме при идната посета на Емирот на Србија.
Војиновиќ рече дека потребата на „Ер Србија“ за партнер не се должи на стекнување нови вештини или помош во бизнис менаџментот, што беше приоритет кога беше постигнато партнерството со компанијата „Етихад“ од Обединетите Арапски Емирати, туку најверојатно поради обезбедување на дополнителни капитал.
– Ниту Катар ниту која било друга авиокомпанија не може да и понуди на ‘Ер Србија’ ништо суштински ново во технологијата, знаењето и управувањето во оваа фаза. Потрагата по стратешки партнер е резервна опција како безбедност поради непредвидливиот и тежок бизнис на авиокомпаниите, на кој влијаат работите што тие не можат да ги контролираат, како што е, на пример, пандемијата, рече Војиновиќ.
Консултантот за странски инвестиции, Милан Ковачевиќ, за „Нова“ вели дека е малку необично што Вучиќ во Катар повикал на стратешко партнерство со „Ер Србија“, бидејќи „Емиратите и Катар не се во добри односи, па можеби станува збор и дека сопственоста на „Етихад“ над „Ер Србија“ целосно да се пресели во Катар.
Според податоците од Централниот регистар на хартии од вредност, акционерското друштво „Ер Србија“ е 83,85 отсто во српска сопственост, додека останатите 16,42 отсто ги држи „Етихад“.
(СЕЕбиз)