Дали е ова можно?! Белграѓанин полни струја во автомобилот од улична светилка (видео)


Инфраструктурата за полнење на електрични возила во Србија сѐ уште е во зародиш, но тоа не го оправдува ваквото однесување на возачот.

Имено, на социјалната мрежа Икс се појави неверојатна снимка од плаг-ин хибридно возило (кое покрај бензин има и електромотор и акумулатор) поврзано на бандера во близина на булеварот „Крал Александар“ во Белград:

Освен локацијата каде е снимено видеото, нема други информации, а во описот на видеото стои: „Човек си го полни автомобилот со струја од бандера на булевар „Крал Александар“, Звездара“.

Како и многу други случаи, така и овој предизвика различни реакции кај следбениците на социјалната мрежа.

Некои возачи дури и ги оправдуваат постапките на возачот, нарекувајќи го лицето кое го објавило видеото „измамник“.

Сепак, повеќето коментатори се свесни дека полнењето на автомобилот на овој начин е опасно.

„Поставувањето нелегална инсталација на електрична мрежа на столб може да убие некого. Ова не е мала, безопасна работа на која треба да се замижува“, се вели во еден коментар, додека друг забележува дека „кражбата на струја е кривично дело“.

Во еден од коментарите, лице кое тврди дека е сопственик на автомобилот се огласи и објасни од каде е „земена струјата“:

„Само сакам да ве известам дека автомобилот е мој и дека е фотографиран пред мојот дуќан од каде се зема струја, за да не се краде, можете слободно да влезете во продавницата за да ве убедам дека струјата не е украдена“.