Дали деведесеттите беа подобри?
Речиси сите големи вистини од 90-те се покажаа како заблуди или зад нив стоеше некаков посебен интерес. Неспорното владеење на лицемерието го спушти секое смело или спротивставено мислење во доменот на ментална болест
Тоа е фундаментално прашање. Дали ние (како свет) некаде погрешивме и завршивме таму каде што сме денес? На младите луѓе ова прашање ќе им биде чудно, бидејќи светот од 1990-те е многу далеку и тие не знаат речиси ништо за тоа од искуство. Но, тие знаат по нешто за глобалната финансиска криза, либералниот империјализам и Вашингтонскиот консензус.
Иако не мислам дека денешниот свет е „подобар“, верувам дека е прилично безбедно да се каже дека светот од 90-те беше свет на неспоредливо лицемерие и идеи кои се покажаа како погрешни речиси без трага. Ќе ги набројам подолу. Но, пред тоа, да се потсетиме што напиша Хана Арент за лицемерието: „Она што го прави тврдењето дека лицемерието е порок над пороците веродостојно е фактот дека интегритетот може да преживее под плаштот на кој било порок освен овој. Злосторствата и злоделата нè збунуваат со радикално зло; но само лицемерието е навистина скапано до срж“. (За револуцијата)
Можеби Хана Арент малку претерува, бидејќи лицемерието е предуслов за опстанок на секое општество: ако нема доволно од него, општеството ќе биде насилно и грубо, ако има премногу од него – таа беше во право во овој поглед – ќе скапува одвнатре.
Кои беа заблудите од 90-тите?
Финансијализацијата е добра. Се веруваше дека и во земјата и во меѓународните односи, растечката финансисијализација носи побрз напредок на земјите и поединците. Таа беше замена за економската еднаквост: секој што сакаше да студира или имаше добра бизнис идеја можеше да се задолжи и да се збогати. Поединците го правеа тоа во својата земја, а сиромашните земји позајмуваа од остатокот од светот. Како што пишува Џон Ролс во „Законот на народите“, книга типична за 1990-те, сиромашните земји лесно можат да ги решат своите проблеми со позајмување од „општеството на народите“. Длабокиот финансиски сектор лекува сè. Дали тој донесе исцелување? Не баш. Слободното движење на капиталот меѓу земјите ја произведе азиската финансиска криза и голем пад на приходите во Јужна Кореја, Малезија, Филипините и Индонезија, што подоцна се прошири во Русија и Јужна Америка. Потоа, во 2007-08 година, неконтролираната финансиска либерализација на западот, во комбинација со високата нееднаквост, доведе до глобална финансиска криза и рецесија. Државата ги заштити оние што се одговорни за рецесијата, а губитниците беа оставени сами да се грижат за себе. Големата вистина од 90-те сепак се покажа како невистина.
Мултиетничките општества се добри. Ова е став што јавно се застапуваше, иако елитите и медиумите го поддржуваа распадот на поранешните комунистички мултиетнички федерации во Европа и Африка (Етиопија). Како е можно мултиетничноста да е добра во еден дел од светот, а не во друг? Одговорот е дека теоријата треба да се стави во контекст на поедноставен политички реализам: ајде да ги демонтираме потенцијалните закани за да бидеме уште посилни. Тоа беше зашеќерена лага. И кога Западот почна да ја перцепира мултиетничноста како проблем, веднаш беа подигнати високи бариери за слободниот проток на работна сила. Особено во Европа, која се опкружи со електрични огради (чие рушење во 1989 година беше прославено на унгарско-австриската граница) и патролни чамци во Медитеранот, за да се заштити од нешто што нејзините елити тврдеа дека го поддржуваат: мултиетничност. Уште една вистина од 90-те се покажа како погрешна.
Сиромашните земји лесно можат да се збогатат и треба да се збогатат. Се велеше дека богатите земји и нивните елити сакаат да им помогнат на сиромашните земји да се развијат. Се веруваше дека сиромашните земји се сиромашни поради корупцијата и неможноста да ги искористат веќе постоечките технологии. Трансферот на технологија и примената на принципот на компаративна предност беа прогласени за пожелни; но корупцијата во помалку развиените земји ги спречи и двете. Кога Кина ја искористи постоечката технолошка експертиза и го престигна остатокот од светот, приказната се промени: сиромашните беа жигосани како крадци на технологија што им припаѓа на богатите. Уште една голема вистина од 90-тите се покажа како неточна – или барем не верувавме во она што го кажуваме.
Државата е проблемот. Се веруваше дека приватниот сектор е подобар во сè. Но, кога приватниот сектор и државата ги измешаа картите и ѝ донесоа на Кина економски раст со двоцифрени стапки, мантрата се промени: државата е сè уште подобра во спроведувањето на индустриските политики, подигањето на безбедносните бариери и одбраната.
Така, речиси сите големи вистини од 90-те се покажаа како заблуди или зад нив стоеше некаков посебен интерес. Неспорното владеење на лицемерието го спушти секое смело или спротивставено мислење во доменот на ментална болест. Слободата на изразување во идеолошки доминантен дел од светот не беше контролирана од никаква полиција за контрола на мислата. Тоа го правеа мандарините на знаењето и императивот за успех. Така, слободната мисла беше задушена и беше создаден дрвен јазик што ја искривува реалноста. Секој знаеше што треба да мисли (или барем да каже) ако сакаше да напредува. Тоа беше идеолошки неплоден период, во кој клишеата и изговорите беа прогласени за највисоки достигнувања на човечкиот ум. Денешниот свет не е подобар, но е интелектуално послободен.
(Бранко Милановиќ е српско-американски економист познат по своите истражувања на нееднаквоста, професор на Универзитетот на Њујорк и поранешен главен економист на Светска банка. Текстот е објавен во Global inequality and more 3.0)