Дачиќ: Убиството на полицаецот е терористички напад од албански структури од Косово
Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ го оквалификува убиството на полицаец и ранувањето на друг полицаец синоќа во Лозница како – терористички напад на албански структури од Косово.
Дачиќ за РТС изјави дека се утврдува дали напаѓачот е човекот чија лична карта и пасош биле пронајдени во автомобилот или е неговиот брат кој избегал од затвор во Косово на 6 јули.
„Тој ги уби полицајците, го изврши овој очигледен терористички чин кој доаѓа од Косово и Метохија од страна на албанските структури. Ова не може да биде случајност и затоа Обвинителството за организиран криминал ќе се занимава со овој случај, бидејќи станува збор за напад на полицаец на должност“, рече Дачиќ.
Претходно косовскиот премиер Албин Курти на прес-конференција во врска со убиството за кое е осомничен косовски Албанец, изјави дека ги има само информациите што беа објавени во медиумите.
„Изворот на информацијата е Србија, нашите надлежни органи ќе ја информираат јавноста за моменталната состојба“, рече Курти одговарајќи на новинарско прашање во врска со информацијата дека пасошот на осомничениот за нападот врз полицајците е издаден во Косово и пронајден на местото на убиството, јавија косовските медиуми.
Курти посочи дека „оваа работа не треба да се политизира“, туку треба да се третира од безбедносен, правен и професионален аспект“. Тој изјави и дека косовските безбедносни власти собираат информации за случајот.