Дачиќ: Северна Македонија го призна Косово само за да се доближи на Западот


 

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ истакна дека Северна Македонија ја признала еднострано прогласената независност на Косово, само за да му се приближи на Западот.

Според него, не држат аргументите на новоизбраниот претседател Стево Пендаровски, дека тоа е направено поради Албанците, кои живеат во Северна Македонија.

Дачиќ за телевизијата „Пинк“, коментирајќи ја изјавата на новиот македонски претседател, дека ја признале независноста на Косово согласно нивната стратешка ориентација, но имајќи го во предвид и ставот на граѓаните на албанската заедница, која е втора по бројност во Македонија, рекол дека тоа го сториле само поради стратешката ориентација, а не поради Албанците.

„Не стои аргументацијата дека го признале Косово поради Албанците, бидејќи како може во Црна Гора да го признаат Косово кога Србите се втора национална заедница по бројност? Каде се тука принципите?“ додаде Дачиќ.

Српскиот шеф на дипломатијата вели дека сите држави во регионот, кои го признале Косово, го сториле тоа за да му се приближат на Западот.

„Со тоа покажаа дека нивната стратешка ориентација не е разбирање на проблемите со кои се соочува Србија“, смета Дачиќ, додавајќи дека Северна Македонија била некоректна кон Србија, бидејќи Србија ја признала Македонија, иако тоа било спротивно на нејзините стратешки ориентации, а тоа е пријателството со Грција.

„Се покажа дека сме погрешиле, бидејќи Македонија сега се вика Северна Македонија. Да бевме во право, ќе останеше Република Македонија“ заклучи Дачиќ.