Циципас против Алкараз за полуфинале на „Ролан Гарос“


Париз- Грчкиот тенисер Стефанос Циципас се пласираше во четвртфиналето на грен слем турнирот „Ролан Гарос“.

Циципас на Отвореното првенство во Франција го совлада Себастијан Офнер од Австрија со резултат 7:6, 6:3 и 6:0.

Во првиот сет Австриецот му пружи силен отпор на моментно петтопласираниот тенисер во светот, но потклекна во тај-брејкот.

Следните два сета му припаднаа на Гркот, кој докажа зошто беше фаворит во овој дуел. За пласман во полуфиналето Циципас ќе игра против првиот светски рекет Карлос Алкараз од Шпанија.

Во женска конкуренција втората носителка на турнирот Арина Сабаленка од Белорусија со 7:6 и 6:4 ја елиминираше Американката Слоан Стивенс.

Сабаленка за пласман во полуфиналето во Париз ќе игра против Украинката Елина Свитолина која со 6:4 и 7:6 триумфираше над Дарија Касаткина (Русија).

Новак Ѓоковиќ утре околу 15 часот ќе игра против Русинот Карен Хачанов во четвртфиналето на Ролан Гарос, соопштија денеска организаторите.

Српскиот и рускиот тенисер во кариерата одиграле девет меѓусебни натпревари, а Ѓоковиќ води со 8:1 во победи.

Минатата година Ѓоковиќ беше елиминиран во четвртфиналето на Отвореното првенство на Франција од Шпанецот Рафаел Надал, кој подоцна го освои Ролан Гарос.

Програмата на теренот „Филип Шатрије“ од 20,15 часот ќе ја затворат Шпанецот Карлос Алкараз и Гркот Стефанос Циципас.

Ролан Гарос се игра за награден фонд од 49,6 милиони евра.