Чулев го брани СДСМ?


Министерството за внатрешни работи најостро го демантира написот на порталот Нетпрес со наслов „Функционер на СДСМ наредил апсење на момчето со куче“, во кој се изнесени низа невистини за функционирањето на МВР.

„Ја известуваме јавноста дека од почетокот на кризата со ширењето на коронавирусот во Министерството за внатрешни работи се формира Координативно тело, чиј претседател е министерот Наќе Чулев, а во него членуваат раководните лица во Министерството.

На седницата на Координативното тело на 31 март усвоен е заклучок и е задолжен е директорот на БЈБ да се испрати инструктивна телеграма до сите организациони единици да се почитуваат законските одредби во постапувањето кон лицата што не ја почитуваат забраната за движење. Истите, покрај легитимирањето, согласно со законот да ги преземат сите мерки со цел изготвување на соодветен поднесок. По оваа одлука на Координативното тело е постапено од Бирото за јавна безбедност и изготвена е соодветната телеграма. Оттаму, јасно е дека станува збор за изнесени невистини во текстот, кои Министерството за внатрешни работи најостро ги демантира“, стои во реакцијата на МВР.

Според Нетпрес, директорот на Бирото за јавна безбедност во МВР, Сашо Тасевски, издал наредба до цела униформирана полиција за приведување во полициска станица на сите граѓани кои ќе го прекршат полицискиот час. Во наредбата се гледало дека не е  предвидено полицајците да предупредат или опоменат лице кои излегло надвор од својот дом за време на полицискиот час, туку такво лице веднаш да биде приведено во полициска станица.