Човек преживеал со недели на отворено море со кечап
Човек кој поминал 24 дена во Карипското Море вели дека преживеал јадејќи малку повеќе од кечап.
Елвис Франсоа (47) е пронајден на 120 наутички милји северозападно од колумбискиот Пуерто Боливар, откако авион забележал дека на трупот на неговата едрилица бил изгравиран зборот „помош“, се вели во соопштението на колумбиската морнарица во четвртокот.
„Немав храна. Тоа беше само шише кечап што беше на бродот, лук во прав и ‘Маги’ коцки за супа, па го помешав со малку вода“, рече Франсоа во видеото обезбедено од колумбиската армија.
Франсоа, од островската држава Доминика, рече дека го поправал својот брод во близина на холандскиот дел на островот Сент Мартин во декември кога неповолните временски услови го повлекле неговиот брод во морето.
Тој рече дека немал навигациско знаење и дека не можел да маневрира со својот брод назад до брегот – поминувајќи изгубени недели на море.
„Дваесет и четири дена – нема земја, нема со кого да разговарам. Не знам што да правам, не знам каде сум. Беше тешко “, рече тој. „Во одредено време изгубив надеж. Мислам на моето семејство“.
Откако бил спасен, тој бил префрлен во пристанишниот град Картагена каде што добил медицинска помош, а подоцна бил предаден на имиграциските власти за да се врати дома, соопштија колумбиските власти.