Членовите на АФЕТ ќе гласаат по извештаите за Црна Гора и Молдавија


Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) денеска ќе гласа по извештаите за Црна Гора и Молдавија за 2023 и 2024 година на известувачите Марјан Шарец, односно Свен Миксер. 

На ова заседание, членовите на АФЕТ требаше да се изјаснат и по извештајот за земјава на известувачот Томас Вајц, но гласањето е одложено поради, како што образложија од кабинетот на австрискиот европратеник, поклопување на распоредите со другите политички партии.  

– Европратеникот Вајц сака да организира состаноци што е можно поинклузивно, информира за МИА еден од неговите асистенти, додавајќи дека по извештајот за земјава Европскиот парламент ќе се изјасни на пленарната седница во јули.  

По гласањето по извештаите за Црна Гора и Молдавија, членовите на АФЕТ ќе одржат јавна расправа посветена на политичките односи меѓу ЕУ и САД. Во рамки на расправата членовите ќе имаат можност со тројца истакнати експерти за трансатлантските релации да разговараат за моменталната состојба во односите меѓу ЕУ и САД и за перспективите за нивниот иден развој. 

Од јавната расправа треба да произлезе извештај за политичките односи меѓу ЕУ и САД, што ќе го подготви постојаниот известувач на АФЕТ за САД, Михал Шчерба. 

Во продолжените на денешната седница членовите на АФЕТ ќе дебатираат за политичката стратегија на ЕУ за Латинска Америка, за ескалацијата на односите меѓу Индија и Пакистан и за извештаите на Европската комисијата за Украина за 2023 и 2024 година, а ќе имаат и размена на мислења со претседавачката на Советот на министри на Босна и Херцеговина Борјана Кришто за европските перспективи на земјата.