Чивнинг стипендии за едногодишни постдипломски студии во Обединетото Кралство
Во периодот од 3 август до 2 ноември 2021 година, Чивнинг секретаријатот прифаќа апликации за стипендии за магистерски студии во Обединетото Кралство за учебната 2022/2023 година. Чивнинг стипендиите им се доделуваат на лица кои ќе покажат посветеност и вештини потребни за создавање позитивни промени и притоа ќе покажат како магистратурата во Обединетото Кралство им помогнала во тоа.
-Стипендијата овозможува целосна финансиска поддршка за идните лидери да се образуваат на едно годишни магистерски студии на било кој универзитет во Обединетото Кралство и притоа овозможува да се стекнете со ексклузивни академски, професионални и културолошки искуства. Пријавувањето е на www.chevening.org/apply., информираат од Британската амбасада во Скопје.
Оттаму додаваат дека откако програмата била креирана во 1983 година, преку 50,000 професионалци ја добиле можноста да се развиваат во Обединетото Кралство преку Чивнинг. За учебната година 2022/2023 на глобално ниво ќе се доделат над 1500 Чивнинг стипендии, покажувајќи ја посветеноста на Владата на Обединетото Кралство во креирање на идни лидери.
Амбасадата ја пренесува и изјавата на Наоми Рејнер, одговорна за стипендии во британското Министерство за надворешни работи, комонвелт и развој, според која, како што светот продолжува да се справува со глобалните предизвици како Ковид-19 и климатските промени, меѓународната соработка е повеќе од потребна.
-Чивнинг се стреми да изгради меѓународна заедница на луѓе посветени на овие вредности, кои се стремат за позитивни промени. Ние ги зближуваме овие неверојатни лица од целиот свет и им овозможуваме по пат на едукација да ги остварат своите цели. Во Обединетото Кралство сме горди на нашите светски признаени универзитети и знаеме дека нашата научна средина е збогатена со различни култури, искуства и гледишта преставени во нашите кампуси. Чивнинг стипендистите даваат значаен придонес во овие заедници, а понатаму стануваат важен дел од алумни мрежата која брои преку 50,000 членови, вели таа.
Данкан Баркер, директор на Чивнинг секретаријатот, пак, потенцира дека Чивнинг искуството е многу повеќе од магистратура. Како академски предизвик и исполнето универзитетско искуство, така и сплотувањето во британската култура заедно со соученици од целиот свет.
-Ние организираме ексклузивна програма на настани и активности, за да се запознаете со британското наследство и историја, дискутираме на тема меѓународна политика и имаме интеракција со лидери на бројни академски, културни и социјални настани. Претходно, стипендистите имаа можност да ја посетат резиденцијата на британскиот премиер во неговиот кабинет – 10 Даунинг, да се искачат на планината Сноудон во Велс, да посетат изложби во галерии во Лондон, да го посетат ББС и да седнат во гардеробата во Анфилд, нагласува Баркер.
Вашата стипендија, додава, ќе трае една година, но ќе бидете дел од Чивнинг заедницата доживотно.
Британската амбасадорка во земјава, Рејчел Галовеј, пак, истакнува дека Чивнинг стипендијата може да биде одлична можност за некој кој е страствен да направи промена, било на локално или на глобално ниво, ако сака да биде најдобар во она што го прави и ако има имагинација да ги инспирира и другите.
–Не постои ‘типичен’ студент. Твојата возраст, раса, пол, религија и културолошка позадина не ни е важна. Сакаме да видиме дека имаш енергија, љубопитност, јасна визија за својата иднина и можност за остварување на твоите цели. Ако ова звучи како твој опис, тогаш постои голема веројатност да станеш дел од алумни заедницата која брои преку 50,000 членови ширум светот, нагласува Галовеј.
Повикот за нови апликанти следи по изборот на седум стипендисти од Република Северна Македонија, кои добија стипендија за магистратура на универзитет во Обединетото Кралство оваа година. Избраните кандидати ги сподеуваат своите приказни преку #ChosenForChevening хаштагот на Twitter Instagram и Facebook.
Заинтересираните детални информации и критериумите за аплицирање можат да најдат на интернет страницата www.chevening.org/scholarships
Чивнинг стипендиите се дел од глобалната програма на британската Влада за стипендирање финансирана од Министерството за надворешни работи, комонвелт и развој. Стипендиите поддржуваат студирање на британски универзитет за едногодишни магистерски студии и индивидуалци кои покажуваат потенцијал да станат идни лидери, носители на одлуки, и креатори на мислење.