„Чист пекол“: Пет земји во Европа кои најмногу страдаат од жештината

Невидени горештини предизвикаа страдања и пожари на југот и западот на Европа


Бемпоста, Португалија – Човек го полива со вода покривот на куќата додека гори шумата во близина (Фото: АП)

 

Во Обединетото Кралство, во саботата беше свикан итен состанок на кабинетот за да се разговара за првото предупредување за „екстремно црвена“ топлина во Велика Британија. Во Франција, еден пратеник го опиша времето како „пекол“. Во Португалија, премиерот ги следи опасните шумски пожари.

Со оглед на тоа што температурите во Западна Европа ќе се искачат над 40 степени Целзиусови следната недела, Јужна Европа веќе се бори со ефектите од зголемените летни горештини, за кои научниците велат дека се резултат на промената на климата во светот.

Низ Медитеранот, пожарникарите се борат да ги стават под контрола пожарите, реките пресушија, а илјадници луѓе се евакуирани од своите домови. Досега, повеќе од 230 луѓе починале од ефектите поврзани со жештината во Шпанија и 238 во Португалија, според извештаите на локалните медиуми.

Температурите – резултат на бавното движење на област со висок притисок, што носи врел воздух од Северна Африка – се очекува да продолжат оваа недела и да се движат на север и исток кон Франција, Германија, Белгија и Обединетото Кралство.

Еве пет земји кои ги чувствуваат ефектите од топлотниот бран во Европа.

ПОРТУГАЛИЈА

Пожарите горат во неколку области од минатата недела, со речиси 250 нови пожари пријавени во петокот и саботата, повеќето североисточно од Порто.

Луса во центарот на Португалија во средата достигна рекордни 46,3 степени. Владата објави црвен аларм во 16 од 18-те области на копното со повеќе од сто општини со максимален ризик од рурални пожари. Португалскиот премиер Антонио Коста ја откажа планираната државна посета на Мозамбик со цел да остане и да ги следи пожарите.

„Се соочуваме со речиси невидена ситуација во метеоролошка смисла“, рече во саботата Андре Фернандес, националниот командант за цивилна заштита.

Хеликоптер гаси пожар во планините Сиера де Михас (Фото: АФП)

ШПАНИЈА

Речиси половина од шумската област Сиера де ла Кулебра, планински венец на северозапад од Шпанија, изгоре – што го прави најголемиот пожар регистриран во шпанската историја, а областите во Фигеруела де Ариба сè уште се запалени.

Во близина на Коста дел Сол во јужна Шпанија, популарна туристичка дестинација, околу 2.300 луѓе мораа да избегаат од шумскиот пожар што се прошири во планинскиот венец Сиера де Михас.

Дополнително на топлината, недостатокот на врнежи значи дека акумулациите во Шпанија оваа среда беа на 44,4 отсто од нивниот вкупен капацитет – што е помалку од просечните 65,7 отсто во овој период во последната деценија, според властите.

Најголемата река во Италија, По, има рекордно низок водостој (Фото: АФП)

ИТАЛИЈА

Реката По, најдолгата во Италија, достигна рекордно ниско ниво на вода по неколку месеци без обилни врнежи. Се протега од Алпите до Јадранското Море, виталниот извор на вода се користи за пиење, наводнување и хидроелектрична енергија. Во регионот Пиемонт во северна Италија, повеќе од 170 општини издадоа или планираат да издадат уредби за потрошувачка на вода, што значи забрана за секаква употреба освен за храна, домашна употреба и здравствена заштита. Секој кој ќе биде фатен како користи вода за наводнување на јавни или приватни градини, миење дворови или автомобили, може да биде казнет до 500 евра.

Влада која е пред паѓање прогласи вонредна состојба на поголемиот дел од северот.

Во саботата, бискупот Енрико Солми одржа миса на бреговите на реката во почит на лично погодените семејства. Поворката заврши со благослов на водите и молитва за дожд, кој не е виден повеќе од 200 дена.

Пожари во областа Жиронд во Франција (Фото: АП)

ФРАНЦИЈА

Во Франција, повеќе од 10.000 луѓе се евакуирани од областите во југозападниот дел на земјата, додека беснеат пожари во департманот Жиронд.

Според локалните медиуми, три големи пожари сѐ уште се активни, а повеќе од 5.000 хектари земјиште изгореле. Во саботата, метеоролошкиот оддел го прошири предупредувањето за портокалови топлотни бранови на 38 департмани, од Бретања до Азурниот брег.

Зелената француска пратеничка Мелани Фогел на Твитер објави дека температурата на површината на почвата била 59 степени во Шпанија и 48 степени на југот на Франција. „Ова не е само лето“, напиша таа. „Тоа е само пекол и наскоро ќе стане само крај на човечкиот живот ако продолжиме со нашата климатски неактивност“.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА

Владините претставници во Велика Британија предупредија дека земјата треба да се подготви за најтоплите денови во нејзината историја во понеделник и вторник, со температури до рекордни 40 степени. Метеоролошката служба го издаде првиот црвен аларм за исклучителни горештини, што значи дека здравите луѓе, а не само ранливите, може да бидат подложни на болести и смрт.

Итен состанок на владата – втор за ова прашање – се одржува во сабота на кој ќе се разговара за топлотниот бран. Неколку активности беа предложени од владата, вклучително и ограничување на брзината на железницата на некои делови од мрежата да не дојде до прекини и затворањето на училиштата на југот на земјата. (Политико)