Чија е заслугата за СЕПА
За да профункционира ваквиот систем во практика, лавовскиот дел од работите требаше да го направат Народната банка и деловните банки
Граѓаните и компаниите во земјава од вчера плаќањата во евра кон странство можат да ги извршуваат многу поевтино и побрзо отколку до сега, преку домашните банки во рамки на Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Тоа на нив, но и на државата во целина ќе им донесе милиони евра заштеди во текот на годината, без воопшто да се наруши сигурноста на таквите трансакции. Податокот дека во 2023 година преку банките во земјата се извршени во евра 87 отсто од вкупните одливни прекугранични плаќања, односно 77 отсто од вкупните приливни прекугранични плаќања покажува дека заштедите ќе бидат огромни, имајќи предвид дека надоместоците што се плаќаат ќе бидат помали за околу шест пати отколку до сега.
За сето ова да помине во најдобар ред претходеа неколку години подготовки преку усогласување на националното законодавство со законодавството на Европската унија и вградување во него на директиви и регулативи во платежната сфера, како и во сферата на спречување перење пари и финансирање тероризам. Но, покрај овие предуслови, беа потребни и други подготовки во рамки на Народната банка на Македонија и деловните банки , односно прилагодивање на нивните информациски системи со цел исполнување на техничките барања за пристапување во платните системи во СЕПА областа.
Членството во СЕПА и операционализацијата на плаќањата во евра во рамки на Единствената област за плаќања во евра, секако е огромен успех за сите, бидејќи значи чекор поблиску до Европската унија. Покрај Македонија, од вчера СЕПА стана реалност и во Црна Гора и во Албанија, кои заедно со нашата земја се придружија кон се поголемото семејство на СЕПА во кое покрај 27 земји-членки на Европската унија, четирите земји-членки на Европската асоцијација за слободна трговија (Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија) и Обединетото Кралство, се и неколку други држави (Андора, Монако, Сан Марино и Ватикан).
Власта, секако, не ја пропушти можноста да се пофали со ваквите придобивки. Па така, министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска посочи дека клучниот чекор за спроведување на оваа реформа било донесувањето на Законот за платежни услуги и платни системи, како и подзаконските акти кои Народната банка ги усвоила за имплементација на овој Закон.
„Овој проект е значаен исчекор кон унапредување на условите за работење и живеење во Македонија, прилагодувајќи ги стандардите на нашата земја кон европските. Министерството за финансии и Народната банка ќе продолжат со реформи насочени кон економскиот развој и подобрување на услугите за граѓаните и бизнисите“, изјави во соопштение до медиумите Димитриеска-Кочоска.
Се огласија и од Министерството за европски прашања, од каде што исто така во соопштение нагласија дека приклучувањето кон СЕПА е дел од активностите во рамки на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, кој има за цел да ја забрза економската интеграција на земјите од регионот со Европската Унија преку зголемен пристап до единствениот пазар, поттикнување на инвестиции и унапредување на финансиските услуги, но и да додадат дека „овој значаен напредок претставува конкретен резултат од заложбите на Владата и на Министерството за европски прашања за спроведување на европските стандарди и подобрување на условите за граѓаните и бизнисите“.
Се разбира членството во СЕПА не ќе беше можно без усогласување на законската регулатива и без политичката воња од страна на Брисел, во рамките на СЕПА да ги вклучи и земјите од Западен Балкан. Иако, токму „влечкањето“ на некои законски измени кај нас, придонесе Црна Гора, а не Македонија да биде првата земја од регионот која што стана дел од СЕПА, иако, плаќањата во рамки на областа почнаа во ист ден кај сите три земји од регионот, Македонија, Албанија и Црна Гора.
Но, за да профункционира ваквиот систем во практика, лавовскиот дел од работите требаше да го направат Народната банка и деловните банки, бидејќи покрај имплементирањето на регулативата, што се чини дека е пполесниот дел, тие мораше да направат и многу технолошки прилагодувања, потоа промена на процедури, наоѓање банка во странство која ќе биде поддршка или партнер преку која ќе се извршуваат плаќањата и ред други работи.
За сега, во Македонија плаќањето во рамки на СЕПА е можно преку девет банки, а уште три други банки финишираат со интеграцијата во шемата на СЕПА и се очекува дека тоа ќе го направат до крајот на првиот квартал од 2026 година.
Ваквите плаќања се само мал чекор, но сепак со опиплицви и големи придобивки, на патот кон ЕУ. Доколку се реализира заложбата за вклучување на земјите од Западен Балкан во европскиот роаминг тоа исто така ќе овозможи дополнителни и не мали придобивки за граѓаните и за компаниите да разговараат како од дома, без оглед во која европска земја се наоѓаат.
Ваквиите чекори секако треба да бидат и поттик да се реализрат реформите од Реформска агенда за периодот 2024 – 2027, која произлегува од Планот за раст за Западен Балкан, дотолку повеќе што тоа не е документ на хартија, туку дневна обврска на институциите и техничка рамка на конкретни реформи во повеќе сектори.
Тоа е полето на кое државата и нејзините институции можат да ја покажат својата посветеност кон ЕУ, но и за граѓаните и компаниите во земјава, бидејќи спроведувањето на тие реформи, како онаа што придонесе за членство во СЕПА, ќе значат нови придобивки и за населението и за бизнисите и зе цемјата во целина. А, тука, „морковот“ е многу голем – изнесува 750 милиони евра, кои ќе бидат достапни само ако се спроведе она за што самите сме преземале обврска.