Четворица мртви, десетмина ранети на семеен собир во Калифорнија


Четири лица беа убиени, а 10 ранети во пукотница на семејно собирање во Стоктон, Калифорнија, соопштија шерифските службеници во саботата, објави АП.

Меѓу жртвите има деца и возрасни, изјави Хедер Брент, портпаролка на канцеларијата на шерифот на округот Сан Хоакин. Првичните информации „сугерираат дека ова можеби бил намерен инцидент“, рече Брент за време на прес-конференцијата на местото на настанот.

Локалните службеници изјавија дека осомничениот вооружен напаѓач сè уште не е уапсен и апелираат за помош од јавноста. Детективите сè уште работат на утврдување на евентуалниот мотив.

„Доколку имате какви било информации за ова лице, ве молиме веднаш јавете се. Ако сте тоа лице, ве молиме веднаш предадете се“, изјави окружниот обвинител на округот Сан Хоакин, Рон Фреитас, на прес-конференција.

Пукањето се случило непосредно пред 18 часот во балска сала што дели паркинг со други бизниси. Стоктон е град со 320.000 жители, околу 40 милји јужно од Сакраменто.

„Семејствата треба да бидат заедно, а не во болница, да стојат со своите најблиски и да се молат за нивниот опстанок“, рече градоначалничката Кристина Фугаци.

Властите сè уште не објавија никакви дополнителни информации за состојбата на повредените. Претходно беше потврдено дека неколку лица се однесени во болници.