Четири работи што ги прават емоционално интелигентните деца
Експертите ја дефинираат емоционалната интелигенција како способност за препознавање, разбирање, изразување и управување со сопствените емоции.
Имајќи предвид дека тоа може да биде тешко да се постигне и за возрасните, многу родители се изненадени кога ќе сфатат дека нивните деца се многу способни да развијат емоционална интелигенција и тоа уште од мали нозе.
Како што објаснува клиничкиот психолог Лиза Фајрстоун, постојат одредени знаци кои јасно укажуваат дека детето е емоционално интелигентно. Според неа, постојат неколку работи кои ги прават речиси сите деца со развиена емоционална интелигенција.
Една од тие работи е плачењето. Иако звучи необично, детето кое се чувствува безбедно да плаче пред родители или други луѓе всушност не се плаши да ги изрази своите емоции, што е еден од главните знаци на емоционалната интелигенција.
Исто така, детето кое е емоционално интелигентно има развиено емпатија, односно способност да сочувствува со другите или да ги препознае нивните чувства. Ако детето е особено пречувствително, може да покаже тага ако види дека другарчето во градинка или училиште е тажно, а често знае и да ги утеши своите врсници кога се чувствуваат лошо, објаснува психологот.
Друг симптом кој често е знак за емоционална интелигенција кај децата е поврзан со нивната отворена врска со нивните родители. Имено, детето кое секогаш зборува за своите проблеми, емоции и работи кои го мачат има развиена емоционална интелигенција, а во исто време е поспособно да се справи со предизвиците што ги носи растењето.
Фајрстоун наведува и дека детето со емоционална интелигенција често покажува високо ниво на љубопитност. Иако секое дете е љубопитно до одреден степен, детето со развиена емоционална интелигенција е отворено и заинтересирано за работите што се случуваат околу него. Исто така, овие деца имаат силна желба за учење, па обично се многу успешни на училиште или имаат многу хобија.