Четири обвинителки ќе се справуваат со насилството и заканите кон новинарите


 

Искра Хаџи-Василева од ОЈО Скопје, Нина Димитриевска од ОЈО Тетово, Ирена Атанасовска од обвинителството од Битола и Татјана Кацарова од ОЈО Штип, се четирите обвинителки кои ќе ги сочинуваат т.н. контакт точки за поефикасно спроведување на правдата во случај на напади и закани кон новинарите.

Тоа беше соопштено денеска во Клубот на новинарите на Македонија, а по повод 2 ноември, светскиот ден за борба против насилството врз новинарите и медиумските работници.

„Обвинителствата во кои ќе бидат назначени вакви обвинители ги договоривме заедно со ЗНМ, а тоа се обвинители од различни апелациски подрачја, со цел да покриеме што поголем дел од територијата на државата. Доаѓаат од градови каде што и бројот на новинари е поголем и каде ризикот од попречување во известувањето е поголем“, рече Билјана Арсовска, портпаролка на Основното јавно обвинителство.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, посочи дека во текот на оваа година во земјава имало најмалку четири напади и обиди за напад врз новинари и сниматели и за кои веќе се водат соодветни правни постапки.

„Новинарите не се ниту бројки, ниту статистики. Новинарите се огледало на јавноста и токму затоа е важно ова што денеска го правиме и кажуваме зошто е важно неказнивоста на насилниците да престане“, рече Чадиковски.

Тој додаде дека сè уште постои т.н. култура на неказнивост на лицата што извршуваат напади или има се закануваат на медиумските работници.

„Сите нерешени напади кон новинарите на 27 април, прислушувањето на новинари, годината започна со јавно омаловажување и потценување на новинарите од страна на политичарите… Листата на нерешени случаи е голема, но нашите барања и очекувања се уште поголеми. Нашиот симбол на неказнивост е 27-ми април, да не дозволиме да се случи пак“, рече Чадиковски.

Обвинителката од скопското обвинителство, Искра Хаџи-Василева, посочи дека назначувањето на нови обвинителки во т.н. Контакт точки, ќе придонесе за зајакнување на новинарската слобода.

„Ќе ја зајакне свеста и културата на однесување и кај нас, професионалците, но и во поширок контекст, подигнување на културата на однесување кон медиумските работници и новинарите. Препознавање на нашата обврска и повик да дадеме заштита таму каде што дејствијата претставуваат кривичен деликт“, рече Хаџи Василева.

Обвинителката додаде и дека се забележува пораст на насилството преку онлајн просторот.

„Тоа што мене ме загрижува се онлајн-нападите кон новинарките. Тоа е глобална појава. Годинава за жал имаме и експлицитни закани по живот кон новинарка. Тоа е нешто што загрижува сега, а веројатно и во иднина. Онлајн нападите се проследени и со предизвици за откривање на сторителите“, посочи Хаџи Василева.

Директорот на ЗНМ, Драган Секуловски, пак, најави дека претставници од Здружението во иднина ќе присуствуваат на сите рочишта во кои се брани правото на новинарите.