Чавушоглу по средбата со Лавров: Предлогот за извозот на украинското жито е „разумен“

Планот за извозот на житото е на ОН, Русија бара Украина да ги деминира морските приоди до Одеса, Турција се нуди како своевиден гарант


 

АНКАРА – Турскиот министер за надворешни работи во средата рече дека планот на Обединетите нации за ублажување на глобалната криза со храна со рестартирање на украинскиот извоз на жито по морскиот коридор е „разумен“ и бара повеќе разговори со Москва и Киев за да се осигура безбедноста на бродовите.

Говорејќи заедно со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, турскиот министер Мевлут Чавушоглу рече дека нивниот состанок во Анкара бил плоден, вклучително и согледана волја за враќање на преговорите меѓу Москва и Киев за можен прекин на огнот.

Лавров рече дека обврската е на Украина да го реши проблемот со испораките на жито со деминирање на нејзините пристаништа на Црното Море и дека Русија не треба да преземе никакви мерки бидејќи веќе ги има преземено потребните обврски.

„Дневно наведуваме дека сме подготвени да ја гарантираме безбедноста на бродовите што ги напуштаат украинските пристаништа и се упатуваат кон (турските води), подготвени сме да го направиме тоа во соработка со нашите турски колеги“, рече тој по разговорите со Чавушоглу.

Украина рече дека ѝ се потребни „ефективни безбедносни гаранции“ пред да започне со испораките, изразувајќи загриженост дека Москва би можела да го искористи потенцијалниот коридор за да се движи кон нејзиното јужно пристаниште Одеса.

Руската инвазија на Украина на 24 февруари го запре извозот на жито на Киев од Црното Море, заканувајќи се со глобална прехранбена криза. ОН апелираа до двете страни, како и до поморскиот сосед и членка на НАТО Турција, да договорат коридор.

Москва ја негира одговорноста за меѓународната криза со храна, обвинувајќи ги западните санкции.

Секој договор може да вклучи турска поморска придружба за танкери кои заминуваат од Одеса и други украински пристаништа – кои моментално се блокирани од руската морнарица – и понатаму кон турските теснец и глобалните пазари.

Чавушоглу рече дека верува оти светот треба да работи заедно за да отвори безбеден премин за украинскиот земјоделски извоз и дека Турција ги смета руските барања за укинување на ограничувањата на извозот на нејзините земјоделски производи како „многу легитимни“.

„Изнесени се различни идеи за извоз на украински житарки на пазарот, а најново е планот на ОН (вклучувајќи) механизам што може да се создаде меѓу ОН, Украина, Русија и Турција“, рече Чавушоглу.

„Сметаме дека тоа е разумно“, додаде тој. „Се разбира дека и Украина и Русија мора да го прифатат тоа“.

Лавров рече дека главниот проблем е тоа што украинскиот претседател Володимир Зеленски „категорично одбил“ да го реши проблемот со минираните пристаништа.

Турција, која има добри односи и со Киев и со Москва, претходно изјави дека е подготвена да преземе улога во рамките на „механизмот за набљудување“ со седиште во Истанбул доколку се постигне договор. (Ројтерс)