ЦГK: 15 директори на државни претпријатија треба да бидат разрешени


Фото: Б. Грданоски

Според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), се наведува дека се исполнети услови за разрешување на 15 директори на јавни претпријатија.

„9 државни претпријатија немаат објавено ниту еден извештај со показатели за финансиското работење на своите веб-страници, а други 6 претпријатија го немаат објавено последниот квартален извештај за периодот јули-септември, покажува последното истражување на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) за исполнување на законските обврски и добрите стандарди на претпријатијата во државна сопственост. Од ова и, произлегува дека се исполнети условите за разрешување, во согласност со измените на Законот за јавни претпријатија кои стапија на сила во април 2018 година“, велат од ЦГК.

Законот за јавни претпријатија предвидува разрешување на директорот на претпријатието за ненавремено објавување на веб-страницата на претпријатието на тримесечните финансиски извештаи за тековната година, како и на годишната сметка и извештајот за претходната гoдина.

Во истражувањето се наведува дека една третина од претпријатија не ги објавуваат ниту имињата на членовите на управните и на надзорните одбори.

Ниту еден квартален извештај со показатели за финансиско работење не е објавен од:

ЈП за железничка инфраструктура Железници на Република Северна Македонија,
Јавно радиодифузно претпријатие Национална радио-телевизија – Скопје,
Јавно сообраќајно претпријатие Скопје,
Јавно комунално претпријатие Дервен Велес,
Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта – Скопје,
Јавно претпријатие за комунални дејности Комуналец – Струмица,
Јавно претпријатие Национална радиодифузија – Скопје,
ЈП Комуналец Прилеп
Јавно комунално претпријатие Тетово.
Последниот квартален извештај го немаат објавено:

Јавно претпријатие за државни патишта,
Јавно претпријатие Паркови и зеленило Скопје,
Јавно претпријатие Стрежево Битола,
Јавно претпријатие Водовод – Куманово,
Јавно комунално претпријатие Водовод – Битола
Јавно претпријатие Исар – Штип.
Истражувањето на ЦГК покажува дека генерално транспарентноста на државните претпријатија расте и изнесува 41% од можни 100%. Состојбата е подобрена во споредба со 2018 година, кога транспарентноста изнесувала само 28%.