Цената на литиумот падна за 75%, а електричните автомобили сѐ уште се прескапи


Една од највредните „стоки“, не само во автомобилската индустрија, годинава бележи постојан пад на цените. Цените на литиумот паднаа за повеќе од три четвртини во споредба со минатата година и може да се очекува дополнително да опаѓаат. Долгорочно, пониските цени може позитивно да се одразат на намалување на цените за електричните автомобили!

Литиумот е суштински елемент во производството на батерии за напојување на автомобили, за потребите на потрошувачката електроника, хемикалии, стакло и батерии. Не го нарекуваат бело злато без причина. Со оглед на глобалната транзиција кон електромобилноста и обновливите извори на енергија, литиумот е клучна суровина барем во следните неколку децении. И покрај зголемената продажба на автомобили без емисија на C02, оваа година понудата е поголема од побарувачката. Сепак, цените на автомобилите не паѓаат. Покрај тоа, тие постојано растат, а европските производители се обидуваат да го компензираат тоа со лансирање на помали и попристапни автомобили.

Иако пазарот на автомобили со батерии бележи постојан раст, побарувачката се очекува да се олади во наредниот период. Се намалува интересот на фирмите и на приватниците поради намалувањето на субвенциите, како и високите каматни стапки, што веќе се рефлектира со значително помали нарачки за следната година. Во исто време, резервите на литиум ќе се зголемат во 2024 година.

Вториот по големина светски производител на литиум, компанијата SQM, веќе најави дека падот на побарувачката за литиум би можел да продолжи и во текот на следната година. Албемарле, најголемата рударска компанија, предупредува дека цените на овој алкален метал паѓаат толку ниско што ископувањето не е исплатливо за некои производители.

Додека на крајот на минатиот ноември, еден тон литиум карбонат чинеше околу 74.000 евра, во моментов може да се купи за приближно 16.750 евра. Во наредните години може да очекуваме значително намалување на цените на електричните автомобили, кои сепак се барем за 30 отсто поскапи од конкурентите со мотори со внатрешно согорување.

Сепак, треба да се додаде дека пониските цени на литиумот воопшто не мора да се одразат на цените на батериите. Производителите на овие компоненти, особено во Европа, се задушени од високите цени на енергијата, а да не зборуваме за сѐ уште високите трошоци за развој на електрични автомобили, за кои Европа заостанува.