Целта не е Артан Груби, туку Али Ахмети
Ако министрите на ДУИ предизвикале „незадоволство и револт меѓу гласачите“, како што тврди „огнената група“, тогаш оној што ги предложил направил погрешни проценки. А тоа е Али Ахмети
Не треба голема политичка проникливост за да се разбере дека пораката за промена на Артан Груби од страна на дружината спектакуларно наречена „огнена група“, во основа има друга вистинска цел – детронизирање во догледно време на неприкосновениот лидер на ДУИ, Али Ахмети.
Моментот во којшто се појави писмото на „огнените“ е индикативен – опозицијата подготвува втор обид за референдум за почетокот на преговорите со ЕУ, војната во Украина стигнува до драматични точки по нуклеарните закани на Путин, мнозинството трага по формулата како да стигне до двотретинско мнозинство за промена на уставот, енергетската криза се движи кон својот момент на експлозија, опозициската Алијанса за Албанците остана без својот лидер кој и ја основа партијата. Сето ова не значи дека не треба да има притисок за промени во партијата, но тајмногот е интригантен.
Или, пак, „огнените“ разбрале дека во неделата кога почна првата етапа на скринингот со ЕУ во Брисел тој процес веќе не може да се запре и треба да се поткопа улогата на министрите од ДУИ во владата која ќе си става плусеви на свое конто.
Некои наводи во соопштението се дури и чудни и како да се однесуваат на целата влада: „Арогантното однесување на извршната власт на чело со Артан Груби предизвика незадоволство, револт и пасивност на структурите и на гласачите“. Груби ли раководи со владата, а со тоа и со државата? Посредно, тоа значи и дека Груби како организациски секретар веќе целосно ја презел и ДУИ. Затоа што, ако се тргне по тврдењата на „огнените“ дека во ДУИ речиси две години не постојат и не се формираат статутарните партиски тела и дека политичкото одлучување станало индивидуално, а за тоа најголем виновник бил Артан Груби, би можело да има два заклучоци. Едниот е дека Груби навистина е тој кој сега командува целосно со ДУИ; и вториот, ако Али Ахмети го има целиот „политички и статутарен авторитет“, како што наведуваат потписниците, тогаш тој е виновник за „внатрешната политичка војна“.
Кога ќе се додаде информацијата на ТВ21, дека наводно, Ахмети бил подготвен да го жртвува Бујар Османи, но „огнените“ не бил задоволни, туку барале да се промени целата министерска групација од ДУИ, тогаш правецот има само една насока – лидерот на партијата. Дека тој направил погрешни проценки при делегирањето на луѓето во составот на Владата на Димитар Ковачевски (а претходно и во последниот кабинет на Зоран Заев). А при погрешни проценки треба да има и соодветна одговорност. Ако не сега веднаш, тогаш во некое догледно време.
Во оваа група има и поранешни и сегашни функционери на ДУИ, градоначалници, а меѓу нив како клучен се појавува Муса Џафери, порано долги години втор човек на партијата. Џафери беше еден од најпиторескните ликови во прислушуваните разговори (сентенцата за „каменот доаѓа одблиску“ влезе во политичката антологија), а неговиот син беше меѓу озлогласените преку фирмата што остави на цедило многу државни компании и институции при дистрибуцијата на струја. Ахмети беше обвинуван затоа што повторно ја предложи Теута Арифи за нов градоначалнички мандат во Тетово (по нејзините две лоши раководења). Но се заборава дека еден од потписниците на соопштението, Невзат Бејта, два пати загуби на изборите за градоначалник од Арбен Таравари од Алијансата за Албанците. Без одлука на Али Ахмети Бејта немаше да биде кандидат на изборите лани во октомври.
Јасно е дека промената на Али Ахмети е невозможна работа во овој момент. И дека нема да биде возможна во некое догледно време (Али Ахмети сега зборува дека ќе си оди откако Македонија ќе стане членка на ЕУ). Тогаш целта на овој внатрепартиски судир што трае веќе две години треба да се помести некаде во иднина, при евентауалното повлекување на Ахмети, а во меѓувреме „огнените“ да постават човек кој ќе биде десна рака на лидерот кога ќе треба да се одлучува за наследникот. Изборот на прв премиер Албанец во стоте денови во преодниот период пред следните избори е само симболична награда, главниот трофеј треба да следи подоцна.
Некои од албанските аналитичари велат дека брзината на реакцијата на Ахмети на „огненото писмо“ ги изненадила неговите потписници. Веројатно тие очекувале некоја подолга ферментација за наводите во него. Ахмети се одлучи на брза реакција не сакајќи да се повтори ситуацијата кога од партијата си замина неговиот тогашен доверлив човек Гзим Острени и формираше нов политички субјект Унитети. Тој помина неславно.
Кога Острени ја напушти партијата во 2015 година изјави дека „ДУИ е вазал на ВМРО-ДПМНЕ“. Тогаш Муса Џафери беше вицепремиер за спроведување на Рамковниот договор, Невзат Бејта градоначалник на Гостивар, а Изет Меџити градоначалник на Чаир. Блерим Беџети до претходната година, 2014, беше министер за правда. Никој од нив сега не е во извршната власт, освен што Беџети и уште еден потписник , Висар Ганиу, се градоначалници на Сарај и Чаир.
Ахмети лани успеа на тој начин да ја изменаџира ситуацијата, сега вели дека повторно ќе работи на тоа, нагласувајќи дека „не верувам дека пратениците ќе ја ризикуваат иднина на генерациите. Ова е дневна политика. Не е нешто што не може да се менаџира и да се надмине… Секогаш имало незадоволство и дебати и сум бил отворен за предлози и мислења. Поголем дел од ДУИ не сака анархија, сака правила, мир и дебата“.
Очигледно дека „огнените ветерани“ не можат да се помират со фактот дека Груби, Османи и Крешник Бектеши се новата генерација политичари што ги изнедри Ахмети и ги предложи во владата во многу турбулентно време. Тие мислат дека електоратот на ДУИ не ги препознава ако автентични членови и затоа се подјадува поддршката за партијата, а не и поради учеството на „огнените“ во власта во годините наназад.
Или како што вели поликиологот Џенур Исени во изјава за „Локално“: „Се согласувам дека Груби е арогантен, ама тие се веќе истрошени. Според мене, да бара Муса Џафери втора шанса е исто како неговиот побратим Мијалков да се врати во политиката“.
Тогаш, какви се шансите на бунтовничката група да направи некаков пресврт во кадровската политика на Али Ахмети. Како што сега стојат работите, нивните шанси се минимални. Особено поради тоа што Ахмети веднаш им даде поддршка на оние што се обвинети во писмото. Веројатноста оваа група да направи нова партија не треба да се исфрли, но шансата да успее, изгледа, е само малку поголема од пропаднатиот проект на Гзим Острени. Судејќи според претходните искуства, партијата нема да биде поделена, иако ќе биде нагризена. А главната цел – Али Ахмети, само уште повеќе ќе биде бетонирана со уште еден темел.
Многумина во Македонија не се задоволни од тоа како ДУИ работи во власта од 2008 година наваму. И многу аргументи се на нивна страна. Партијата со години се поврзува со корупција која не е истражена од правосудните органи. Како да е тоа забранета зона. Но во писмото на „огнената група“ не се споменува овој белег што го носи партијата, туку се зборува за „нефункционалноста на организираниот живот на ДУИ“.. Излегува дека работата е само како да се променат структурите во партијата во опкружувањето на Али Ахмети. Да се биде онаму каде што некогаш се наоѓаа, а сега се дистанцирани. Тешко е да се навикнеш да бидеш во втората или третата лига, но сѐ да се сведе на „арогантно однесување на Артан Груби“ делува повеќе аматерски отколку политички професионално. Доколку оваа група биде поискрена и ги каже вистинските причини за незадоволството и ги наброи работитите каде што ДУИ потфрла (а голем дел од јавноста ги знае), нејзините шанси за промените што ги бара во партијата може да бидат поголеми.