„Целосно невистинити“: Меланија Трамп негира врски со Епштајн, обвинувањата ги нарече клевети


Првата дама на САД Меланија Трамп денеска негираше каква било поврзаност со осудениот сексуален престапник Џефри Епштајн и какво било знаење за неговите кривични дела, оценувајќи дека обвинувањата се „целосно невистинити“.

Во изјава од Белата куќа, таа ги отфрли тврдењата на интернет дека на некаков начин била поврзана со Епштајн, нарекувајќи ги „клевети“.

– Лагите што ме поврзуваат со посрамотениот Џефри Епштајн мора да завршат денеска. Луѓето што лажат за мене се лишени од етички стандарди, понизност и почит. Не се противам на нивното незнаење, туку ги отфрлам нивните злонамерни обиди да ја нарушат мојата репутација – изјави Меланија Трамп.

Во вонредното обраќање, таа повторно ги негираше сите врски со Епштајн и додаде: Моите адвокати и јас успешно се боревме против овие неосновани и бесмислени лаги.

Првата дама, истовремено, го повика Конгресот да одржи јавно сослушување на жртвите на Епштајн, со можност тие да сведочат пред пратениците и нивните приказни да бидат внесени во конгресниот записник.

– Секоја жена треба да има можност јавно да ја раскаже својата приказна, доколку тоа го сака –  рече таа. „Тогаш, и само тогаш, ќе ја дознаеме вистината“.