Царовска: Реформираното стручно образование ќе обезбеди квалитетeн кадaр што го бара пазарот на трудот


Средното стручно образование треба целосно да се реформира и да се приспособи на најновите трендови во производството, со што ќе се обезбеди стручен кадар кој веднаш по завршувањето на образованието ќе може да одговори на пазарот на трудот, истакна министерката за образование и наука Мила Царовска на дебатата „Премостување на јазот кај вештините за создавање нови работни места“, организрана од УНДП и Британската амбасада.

– Владата прави конкретни чекори со коишто до крајот на мандатот треба да ја поставиме рамката за средно стручно образование. Сето ова го правиме со огромна поддршка од нашите меѓународни партнери. Она на коешто забрзано се работи во овој момент е воспоставување на три регионални ВЕТ-центри коишто ќе служат за остручување на кадар што ќе биде обучен за да може ефикасно и веднаш по завршувањето на образованието да одговори на пазарот на трудот. Првите вакви центри од идната година ќе профункционираат во Охрид, Тетово и Куманово, но тенденцијата е да се отворат и во сите останати региони во државата, рече Царовска.

Министерката истакна дека во изминатите 30 години воопшто не било вложувано во средното стручно образование, односно реформите кои се правеле биле во насока да се поттикнува запишување во гимназиите.

– Оваа состојба мора да ја промениме и низ образовниот процес да започнеме да создаваме квалитетен кадар којшто ќе може да одговори на пазарот на трудот. Од годинава веќе ја променивме политиката на стипендирање. Сега за ученичките стипендии може да се пријавуваат и ученици од техничките и текстилните средни училишта, со што ќе го потикнеме запишувањето во овие училишта, рече Царовска.

Додаде дека од огромна корист во моментот е спроведувањето на дуалното образование кое се реализира со поддршка од стопанските комори во седум градови во државата. Преку овој вид образование 220 ученици повеќе време поминуваат на пракса во компаниите, а помалку во училиште.

На дебатата беше презентиран и извештај од анализата „Состојбата на тековниот систем на постсредното образование“, која дава јасни насоки за конкретните промени што треба да се направат за да се постигне поквалитетно средно стручно образование.