Царината не прифаќа извозни декларации на хартија  

Од ноќеска на полноќ стартуваше новиот царински софтвер за обработка на царински документи. Македонија е прва земја во регионот што ги исфрла хартиените царински декларации и ги заменува со дигитални.

Прва обработена декларација, пет минути по полноќ, беше она на американската компанија „Адиент“ што работи во зоната во Струмица, а втората и третата беа на британската компанија „Џонсон Мети“ од зоната Бунарџик. За првите 3 часа беа обработени 45 декларации, што значи забрзување и поедноставување на постапката, ни изјави директорот на Царинската управа на Македонија Ѓоко Танасоски.  

Со новиот Дигитален систем за обработка на царински декларации и акцизни документи -СОЦДАД се заменува стариот систем АСИКУДА кој почна да се применува од 1996 година. Овој месец дигитално ќе се пријавуваат и обработуваат само извозните декларации, а од први јули и увозните.

„Новиот начин на обработка на документи е не само организациска туку и цивилизациска и културолошка промена на начинот на работење на Царината и на деловната заедница во целина. Дополнително, дигитализацијата е една од мерките за намалување на корупцијата и зголемување на нивото на конкурентност, што беа главни забелешки на бизнис секторот и меѓународната заедница“, велат проект-менаџерите на новиот систем Офелија Бајо и Јовица Кипријановски.

Царината најавува дека следен чекор е замена со електронски запис на сите придружни царински документи: фактури, транспортни документи и сертификати за потекло.

Новиот систем е во ранг на најсовремените системи што во моментов се користат во земјите членки на ЕУ. За компаниите ова значи намалување на времето на поднесување декларации, поедноставување на процесите и значително намалување на трошоците. Сите процеси се автоматизирани, со што се намалува можноста за човечки грешки и за недозволени дејствија. До новиот систем, економските оператори можат да пристапат преку сопствени системи или со користење на Порталот за трговци на Царинската управа, кој е достапен без надомест.

(А.С.)