Презентација на Индексот на конкурентност и иновации на Западен Балкан
Центарот за истражување и креирање политики, во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер, денеска ќе организира настан посветен на конкурентноста, иновациите и дигиталната трансформација во земјите од Западен Балкан.
Во рамки на настанот ќе биде презентиран Индексот за конкурентност и иновации на Западен Балкан, кој обезбедува компаративен преглед на состојбите и капацитетите за иновации и конкурентност во регионот, како и сет препораки за унапредување на јавните политики и поттикнување на одржлив економски раст.
Како што информираат од Центарот за истражување и креирање политики, на настанот се очекува учество на високи претставници на институции, носители на политики, меѓународни експерти, претставници на бизнис секторот, академската заедница и граѓанското општество, со цел отворање сеопфатна дискусија за клучните двигатели на иновацискиот развој во регионот.
Фокусот на дискусијата, како што посочуваат, ќе биде ставен на улогата на иновациите во економскиот раст и продуктивноста, дигиталната трансформација, инвестициите во истражување и развој, улогата на локалната самоуправа во развојот на иновациски екосистеми, како и можностите што произлегуваат од европските политики и инструменти за поддршка на иновациите.
Организаторите најавуваат дека на настанот ќе се обратат Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација; Златко Перински, министер за локална самоуправа; Даниел Браун, официјален претставник на Фондација Конрад Аденауер; Марија Ристеска, извршна директорка на Центарот за истражување и креирање политики; Стивен Езел, потпретседател на Фондацијата за информатичка технологија и иновации; Јелена Јаневска, програмска директорка во Мрежата на националните асоцијации на локалните власти во Југоисточна Европа и Кристијан Трајковски, проектен координатор во Центарот за истражување и креирање политики.