Бура во „Њујорк тајмс“ поради објавена колумна, оставка на висок уредник


Новинарите се побунија откако беше објавена колумна на сенатор од Арканзас во која тој повика да се употреби војската за справување со демонтрантите

 

Висок уредник во „Њујорк Тајмс“ поднесе оставка по гневната реакција поради објавувањето на весникот за контроверзната и нефилтрирана колумна, напишана од републикански сенатор.

Написот на Том Котон, сенатор за Арканзас и жесток сојузник на Доналд Трамп, со наслов „Испрати ги војниците“, го повика претседателот да го искористи актот за бунт од 1807 година и да ги употреби американските воени сили против граѓаните за да ги смири немирите предизвикани од смртта на Џорџ Флојд.

Во деновите по објавувањето на 3 јуни, бројни сегашни и поранешни новинари на „Тајмс“ ја критикуваа одлуката за негово објавување и весникот напиша на 5 јуни признание дека текстот „не ги исполнуваше нашите стандарди и не требаше да биде објавен“.

Во неделата, „Тајмс“ објави дека Џејмс Бенет, уредник на страницата за колумни од мај 2016 година, поднел оставка со непосреден ефект и дека еден од неговите заменици-уредници, Џим Дао, бил префрлен во дескот.

Во соопштението нема објаснување за оставката на Бенет или за трансферот на Дао, но веста привлече брз коментар од Трамп, кој објави дека уредникот „поднесе оставка поради одличната колумна, напишана од нашиот голем сенатор Том Котон“.

„Њујорк Тајмс е лажна вест“, додаде претседателот, повторувајќи го познатото тврдење.

Котон го обвини „Тајмс“ за лажење и тврди дека не повикал да бидат употребени трупи против демонстрантите, но дека требало да бидат повикани како поддршка  „само ако полицијата е совладана“.

Претходно истиот ден, Патон ги осуди Бенет и „Тајмс“ за отповикување на првичната одлука да се брани објавувањето на колумната, откако дојде до револт на новинарите.

Сјуел Чан, поранешен уредник на страницата за коментари на „Њујорк тајмс“, беше меѓу оние кои зборуваа против неговите поранешни работодавци за објавувањето на текстот.

„На одлуката за објавување на текстот на Котон за распоредување на војската за да се смират немирите, ѝ недостасува здрава новинарска практика“, рече тој.

Никол Хана-Џоунс, црна писателка во магазинот на „Њујотк тајмс“, изјави во твит дека „длабоко се срами“ од весникот по што собра речиси 120.000 лајкови.

Издавачот на „Њујорк тајмс“ АГ Сулцбергер ги призна превирањата во внатрешниот меморандум испратен до вработените во „Тајмс“ во неделата.

„Иако ова беше болна недела во компанијата, таа предизвика итни и важни разговори“, напиша Сулцбергер во меморандумот, објавен од Си-ен-ен.

„Минатата недела видовме значителен прекин во нашите процеси на уредување, кој не е прв што сме го доживеале во последните години. Џејмс и јас се согласивме дека ќе биде потребен нов тим да го води одделот низ период на значителни промени“.

Овие измени вклучуваат проширување на процедурите за проверка на факти на весникот и намалување на бројот на колумните кои се напишани од луѓе кои не се членови на редакцијата, објави АП.

Кетлин Кингсбери, уште еден заменик-уредник на страницата за колумни, која освои Пулицерова награда за пишување коментари во „Бостон глоуб“ пред да се приклучи на „Њујорк тајмс“ во 2017 година, ќе ја преземе улогата на Бенет барем до претседателските избори во ноември, се вели во соопштението.

Ова не е прв пат весникот да се соочи со реакција против контроверзна колумна. (Гардијан)