Букурешт добива парк „Доналд Трамп“ – бурни реакции кај јавноста


Нов парк во романската престолнина ќе го носи името на американскиот претседател Доналд Трамп, соопшти градоначалникот на четвртиот сектор во Букурешт, Даниел Балуца. Веста предизвика поделени реакции во јавноста – од незадоволство и критики до сарказам на социјалните мрежи.

Градоначалникот Балуца појасни дека името е избранo како „симбол на пријателството и заедничките вредности“, поврзувајќи ја одлуката со одбележувањето на 250-годишнината од Декларацијата за независност на САД и средбите со специјалниот пратеник Паоло Замполи и новиот американски амбасадор Дарил Ниренберг.

Весникот „Адеврул“ пренесува дека многу граѓани се жалат на недостиг од основни зелени површини и инфраструктура, додека одлуката за името ја сметаат за политизирана.

На социјалната мрежа „Редит“, корисниците го споредија потегот со минатите времиња кога улици и градови го носеа името на Сталин, прашувајќи зошто не е избрана личност од Романија и зошто немало јавна расправа за трошењето на јавните средства за оваа намена.