Бугарските корени на мојата липа


Миодраг Врчаковски

 

Пред многу години мојот премудар татко Блаже во нашиот двор засадил липа.

Додека беше жив се грижеше за неа како за сопствено чедо , како за рамноправен  член од семејството.

И даде дури и име… Ја викаше Росица.

„Одам во дворот да си ја видам Росица и да си ги разбистрам мислите“, ќе кажеше.

За него таа како да беше врската со некој друг таинствен, далечен, само нему познат свет, украден од реалноста.

Кога еднаш го прашав зошто толку е врзан за липата, ја стави раката на моето рамо и таинствено смешкајки се, ми одговори…

„Е, синко мој, оваа липа е дел од мојот живот, од мојата младост и јас многу ја сакам… И знај дека таа има бугарски корени!“

Додека ми го кажуваше тоа некаков чуден сјај му извираше од очите и тој како веќе да не беше со мене.

Бев дете, немав повеќе од десетина години, но неговите зборови длабоко ми се врежаа во сеќавањето.

Не можев да ја разберам нивната длабочина, тие тогаш не  ми значеа ништо, сѐ до денес, кога прашањето за бугарските корени на сѐ што е македонско, вклучувајки ги и корените на липите, стана многу актуелно.

Никако не ми одеше во глава како е можно покојниот ми татко Блаже уште пред 50 години да знаел дека и липата во нашето дворно место има бугарски корени!

На крајот на краиштата, дали е тоа воопшто толку важно? Татко ми Блаже не ја засадил липата за да се восхитува на нејзините невидливи корени, дури и да се бугарски, туку  да ги ужива благодетите на нејзината од далеку видлива надземна убавина.

Така ли е!

Ама кому јас да му го кажувам тоа!

Да бев член на нашата Македонската академија на науките и уметностите на ова прашање ќе се обидев прецизно да одговорам, користејки ги методите на науката што нам ни стојат на располагање, алатките на современата научна анализа и синтеза со примена и на егзактната математичката и нацртногеометриска логика, зашто некој треба да им го утврди и бројот и да им ја измери должината.

Значи, одговорите на прашањето за бугарските корени на нашата липа логично е дака би требало да ги бараме токму во ЛИПАТА, во нејзиние дебели и длабоки, од плодната македонска почва убаво изнацицани корени.

Така, конечно еднаш засекогаш научно ќе можеме да утврдиме кој корен е бугарски а кој е наш!

Ако некој со својата подземна стратегија упорно настојува да си ги откриеме корените, нема друго, ќе мора да се копа!

Би требало да си ги засукаме ракавите и простувајќи се од липата во присуство на црковно лице да се фатиме за копачот и лопатата и да почнеме да копаме и откопуваме.

Еден по еден да ги разголуваме корените и внимателно да ги анализираме, обидувајќи се да ги откриеме оние што имаа бугарски обележја и симболи, што водат кон Бугарија.

И јасно е што ќе се случи!

Копајќи сѐ подлабоко и подлабоко, сѐ повеќе ќе ги разголуваме и откорнуваме корените, кутрата липа ќе стенка, нишајќи се де на една де на друга страна за конечно да се струполи на земја колку што е долга.

Оголените корени, накитени со ретки тврдокорни грутки што одбиваат да се разделат од нив, за прв пат во животот ќе можат да ја почувствуваат светлината на денот.

Така веќе ќе можеме да ги изброиме, да ги изанализираме и точно да утврдиме кој корен е бугарски, а кој е наш, македонски, нели?

И тогаш ние, мудрите копачи и трагачи по корени од минатото ќе ги фрлиме лопатите и седнати на стеблото од мртвата липа со погледи свртени кон местото каде што во вечен љубовен занес се милуваат небото и земјата, онака испотени и правливи можеби ќе присобереме сили да изустиме.

„Боже, прости ни, не знаевме што правиме!… Ја откорнавме нашата липа, го проверивме секој нејзин корен, до најситниот, но не успеавме да откриеме кој од нив е бугарски“.

Ги разбирам нашите драги браќа Бугари и нивната опседнатост со нас.

Тие си ја имаат мувата на капата уште од времињата кога ние за нив бевме Америка па сега, како европска нација ни покажуваат заби враќајки ни мило за драго. Утре можеби ќе им падне на памет да им се нафрлат и на Русите тврдејќи дека и руската азбука и говор имаат бугарски корени!

Да ве вратам на почетокот од оваа приказната, на тврдењето на татко ми Блаже дека нашата липа има бугарски корени.

Да ми го кажеше тоа некој друг би можел и да го разберам, но сопствениот татко да тврди дека липата во нашиот двор има бугарски корени  е навистина несфатливо.

Можно ли е тој да е бугарофил, си велев.

Татко ми, бог да го прости,  одамна се пресели во вечноста, но неговите зборови мене не ме оставаа на мира.

Мора да има некакво логично објаснување, си велев. Мора да постои некаква причина и јас нема да се смирам додека не го најдам одговорот.

Решив да истражувам  и длабоко и сериозно да се нурнам во минатото.

Сакав да дознаам сѐ за татко ми.

Разговарав со сите блиски и далечни роднини, стари и млади, со неговите другари, со колегите од работа и со сите оние што добро го познаваа.

Мојата упорност конечно вроди со плод.

Открив дека татко ми Блаже во младоста важел за голем љубовџија.

Пред многу години се запознал со Росица, раскошна, прилично надарена Бугарка од Петрич.

Се родила љубов на прв поглед и тој често ја посетувал во нејзиниот роден град.

На другарите во Скопје Блаже им се фалел дека Росица многу го сака, дека не може да живее без него. „Ас те обичам… Ас многу те обичам“, му повторувала по стопати.

На секоја нивна средба ја потрупувал со пакетчиња македонски гуми за џвакање, подарувајќи ѝ по некое шарено блузиче, фустанче, хулахопки или фармерки, а таа се топела од радост.

Ах, тие прекрасни луди млади години!

Сепак далечината и несопирливиот чекор на времето и судбината си го направиле своето.

Нивните љубовни средби во Петрич почнале да се разретчуваат и едно врнежливо  попладне во 1960-та и некоја, тие конечно се разделиле.

На разделба Росица на татко ми му подарила малечка липа засадена во стара р’ѓосана конзерва од бугарско сирење,  велејќи му:

„Засади ja оваа липа во твојот двор за секогаш да се сеќаваш на мене. Сѐ додека ја гледаш неа нашата љубов неме да згасне. Јас ќе те сакам додека сум жива!“

Се вратил татко ми во Скопје и ја засадил липата во најубавиот дел од дворот.

Минале години.

Бугарите велат „Минаха години, без да те забравам ас“.

Ергенските авантури на татко ми Блаже конечно се потрошиле и тој среќно се оженил со колешка од работа, со мојата сакана мајка Катерина.

Сум се родил јас, а по четири години светот го здогледал и мојот помал брат.

Кревкото стебленце на татковата липа стана  висока раскошна убавица раскрилена над целиот двор.

Нѐ опиваше со нејзините пролетни мириси.

Се разладувавме под нејзината длабока сенка во врелите скопски лета.

Сѐ уште пред очи ми е меката волшебна покривна од нејзините паднати жолти есенски лисја по која се тркалавме како деца додека на разголените гранки јатата врапчиња си разменуваа тајни љубовни пораки.

Во студените зимски квечерини се насладувавме на вкусниот липов чај со мед, направен од исушените цутови што беа нејзина рожба. И медот беше липов, наш, од пчелите на татко ми.

Ве прашувам сите вас со каков чај нѐ даруваше нашата липа со бугарски корени?

Пиевме ли бугарски или македонски чај?

Ви го кажав тоа што ми тежеше на душа!

Мојот проблем сега е и ваш.