Бугарска драма: „Предавство“ на Петков или „лудило“ на политиката околу Македонија

Премиерот Петков објави дека парламентарната расправа за Македонија е да се скријат криминалите и корупцијата, Генчовска со сите оружја против него во собранието


Кирил Петков е обвинет дека е „национален предавник“ во прашањето за Македонија

 

Бугарската политика денеска влезе во своевидна катарза, која не е конечна, но изгледа како почеток по кој можеби ќе се расчистуваат сите магли околу Македонија, местото на Бугарија во ЕУ, блокадата на Македонија и блокадата од страна на Софија на европската перспектива на целиот Западен Балкан. Каков ќе биде резултатот тешко можат да предвидат и бугарските политичари и аналитичари. Првата етапа од тој пат е дали ќе опстане владат на Кирил Петков.

Денот во Бугарија почна со објавата на премиерот Петков дека секој предлог на европските партнери околу начините за кревање на ветото ќе оди во собраниската комисија за надворешна работа (неа ја води када од партијата Продолжуваме со промената), а веднаш потоа следеше бурна седница на парламентот каде шефицата на дипломатијата, Теодора Генчовска, поднесе извештај за наводното двојно водење на надворешната политика. Во таа дебата која беше поставена како прва точка на дневниот ред со гласовите на опозицијата + Има таков народ, се слушнаа тешки зборови за „национално предавство“ на премиерот Петков, до оценката „запаѓаме во политичко лудило“ на Христо Иванов, лидерот на Демократска Бугарија.

Оваа жешка расправа за Македонија во голема мерка беше покрената за да се спречи дебатата за другите поважни теми од бугарското секојдневие (како корупцијата и енергетската криза) и партијата Има таков народ да добие покритие за излегувањето од владата по одлуката на нејзиниот лидер Слави Трифонов. 

Што се случуваше и дали работите во Софија околу нејзината блокада на македонија (а со тоа и на Албанија) станаа појасни пред европскиот самит идната недела.

Прво следеше објавата на премиерот Петков на почетокот на седницата на владата дека неговиот кабинет ќе ја информира собраниската комисија за надворешна политика за секој предлог од европските структури, кој е во спротивност со бугарската рамковна позиција за евроинтеграции на и ќе очекува пратениците да се изјаснат. Според него, сите предлози од француското претседателство со Советот на Европската унија, земја-членка или Европската комисија ќе бидат проследени до пратениците. Претставниците на Бугарија во структурите во Брисел нема да се договорат за таквите предлози додека за нив се расправа во Народното собрание, а во случај на нивно отфрлање ќе се изјаснат негативно, рече Петков

„На овој начин избегнуваме секакви шпекулации дека Владата ќе направи нешто на темата Северна Македонија и тоа мора целосно да го решат пратениците. Се надевам дека со оваа одлука ќе заврши прашањето кој што може да направи“, рече Петков.

Сомнежите дека премиерот води политика различна од официјалната беше главното официјално објаснување на партијата Има таков народ за излегување од владејачката коалиција.

Во исто време, во парламентот со гласовите на ГЕРБ, ДПС, Има таков народ и Преродба беше одлучено како прва точка на дневен ред да биде сослушување на министерката за надворешни работи Теодора Генчовска (предлог на Има таков народ).

Петков реагираше промптно: „Темата ‘Северна Македонија’ денеска влезе во Собранието за да го оттргне вниманието од заклучоците на меѓуресорската комисија меѓу Министерството за финансии и Министерството за регионален развој и јавни работи“, рече тој по владината седница. Петков посочи дека комисијата открила 2,5 милијарди лева (1,3 милијарди евра), кои се бараат за исплата на работи на незаконски градби со напумпани буџети.

„Овие пари требаше да се платат преку зголемувањето на буџетот што го бараше Министерството за регионален развој“, рече Петков. Со ова министерство раководи министер предложен од Има таков народ – Гроздан Караџов.

Проверките на комисијата покажаа дека изградбата на 6-метарски сливник се проценува на 1 милион лева, а поставувањето на 3 столба на 2 милиони лева, рече Петков без да навлегува во детали.

„Ова покажува дека сме биле во право цело време. И затоа беше избран денешниот ден да се зборува за Северна Македонија“, рече Петков.

Во собраниската сала излагањето на минестераката во оставка, Теодора Генчовска,  се претвори во обвинувања за национално предавство и остри расправии.

Генчовска до собранието доставила два документи со ознака „Тајно“. Еден од нив е меморандум на заменик-министерот за надворешни работи Васил Георгиев за разговор меѓу Кирил Петков и еврокомесарот Оливер Вархеи, кој содржи 8 точки.

Токму со нив ИТН тврдеше дека нејзиното сослушување треба да биде затворено. Првично, парламентот гласаше за затворање на седницата. После тоа, сепак, камерите повторно беа вклучени.

Затоа Генчовска ги прескокна пасусите во кои требаше да цитира тајни документи.

Таа рече дека на состанокот на Консултативниот совет за национална безбедност кај претседателот Румен Радев на почетокот на јануари, МНР предупредило на идни дејствија што ќе биле преземени од Македонија.

Според неа, сите предвидувања се покажале точни – имало надворешен притисок, заобиколување на министерството во преговорите и обиди да се контролираат преговорите со забрзување или забавување на времето од страна на Македонија.

Генчовска тврдеше дека премиерот Петков ветил оти ќе го укине ветото за Македонија до крајот на француското претседателство. Ова, наводно, се случило на средба со еврокомесарот Оливер Вархеи на 17 февруари, од кој имало белешка која не е класифицирана. Таа ова го кажа на прашање на лидерот на националистичката апртија Преродба, Костадин Костадинов.

На почетокот на април советничката за надворешна политика на премиерот Петков предложила промена на ставот на Бугарија. Генчовска не го објави името на советничката, но со денови ИТН тврди дека тоа е Весела Чернева.

Во документот, тврди Генчовска, не е вклучен тврдиот став на Бугарија за македонскиот јазик, а ги немало гаранциите од ЕУ дека ќе се почитува Договорот за добрососедство.

Шефот на пратеничката група на ИТН, Тошко Јорданов, пред почетокот на сослушувањето од говорницата цитираше меморандум во врска со средбата на заменикот на Генчовска и Оливер Вархеи. Според Јорданов, постои „меморандум“ со ознака „Тајно“, која пратениците од Продолжуваме со промените, БСП и Демократска Бугарија не сакаат да ја објават.

„Фактите се јасни. Дали Кирил Петков се обидел да води друга политика освен националната? Да. Дали е ова национално предавство? Да“, рече Тошко Јорданов.

„Националното предавство е веќе факт во јавноста, тоа мора да го докажеме со документи на затворена седница, бидејќи господине претседателе, сите овие пратеници се бугарски државјани“, му порача пратеникот од ИТН, Станислав Балабанов, на претседателот на Собранието, Никола Минчев.

Генчовска селективно одговараше на прашањата, избегнувајќи конкретни прашања од Христо Иванов, лидерот на Демократска Бугарија.

Андреј Ѓуров од Продолжуваме со промената рече дека се спроведува „евтино сценарио со салфетки“ и повика сите белешки да бидат декласифицирани и јавно објавени.

Министерката Теодора Генчовска во собранието

Според Генчовска, МНР одбило да даде мислење за предлогот за промена на бугарската позиција бидејќи се работи за погрешен документ. Таа објасни дека министерството сепак успеало да направи одредена работа бидејќи била оставена да преговара во последните недели.

Таа рече дека била отфрлена намерата на Македонија да ги вклучи Бугарите во својот устав пред крајот на преговарачкиот процес за членство во ЕУ. Дополнително, европското претседателство предложи извештајот на ЕК да го следи и соопштува за спроведување на Договорот за добрососедство од 2017 година на редовна основа, а Бугарија да има збор во подготовката на заедничкиот став на Унијата.

„Има впечаток дека Бугарија е подготвена за отстапки. Се добива впечаток дека МНР не е важно и нема смисла да се разговара со него“, рече Генчовска.

„Претставниците на Македонија продолжија да бараат контакти во нашата земја надвор од Министерството за надворешни работи за да постигнат пробив и да се елиминира клучното барање за механизам за следење на спроведувањето на Договорот за добрососедство во 2017 година“, додаде таа.

Од собраниската говорница Генчовска рече дека уште веднаш му рекла на македонскиот шеф на дипломатијата, Бујар Османи, да разговара само со неа.

„Откако ја презедов функцијата министер за надворешни работи, при првата средба со министерот за надворешни работи на Македонија, мојата прва реченица до него беше: ‘Господине министре, комуницирајте само со мене’. За жал, тоа не се случи“, рече таа.

„Советникот за надворешна политика на премиерот го испрати својот нацрт за ажурирање на рамковната позиција. Неговата содржина повеќе сугерира ревизија на бугарската национална позиција. Овој нов предлог-рамковен став не го вклучува бугарскиот став за тнр. македонски јазик. Спроведувањето на договорот од 2017 година станува несолвентно“, додаде Генчовска.

Христо Иванов: „Сето ова го доведовме до апсурд. Запаѓаме во политичко лудило. Нашиот неуспех ќе биде неуспех на идејата дека има смисла ЕУ да се прошири на Западен Балкан. Ова е криминал“

Даниел Митов од ГЕРБ рече дека има обиди да се излезе надвор од постојната рамковна позиција. „Овој обид беше неуспешен. Очигледно Кирил Петков беше подготвен да се откаже од клучните позиции“, рече Митов.

Според него, лошите сигнали на Кирил Петков го навеле Скопје да се откаже од отстапките и да се потпре на надворешен притисок.

Јордан Цонев од ДПС рече дека владата презела обврски кои не се во согласност со позицијата на Бугарија. ДПС за ова имале информации од надворешно-политичките партнери.

Кристијан Вигенин од БСП застана во одбрана на премиерот велејќи дека нема ниту еден официјален документ со кој Петков се обврзал да ја смени бугарската позиција.

Христо Иванов од Демократска Бугарија дебатат ја опиша како „грозотија“ што ја искористува темата за Македонија за да ѝ даде морален легитимитет на партијата ИТН, за која рече дека е подготвена да добие трет мандат од претседателот за формирање влада.

Тој го опиша она што се случува како „евтина борба за моќ“. „Сето ова го доведовме до апсурд. Запаѓаме во политичко лудило. Нашиот неуспех ќе биде неуспех на идејата дека има смисла да се прошири ЕУ на Западен Балкан. Ова е криминал“, рече Иванов.

Лидерот на националистичката Преродба, Костадинов, имаше полни зборови пофолби за Генчовска и побара да се подигне обвинение за премиерот

„Она што министерот за надворешни работи во моментов им го кажува на милиони Бугари за предавничката политика на Кирил Петков кон Македонија е директен и јавен доказ за предавство! Прашањето сега не е дали да се разреши владата – јасно е дека мора и треба да се случи идната недела. Прашањето сега е кога ќе се покрене обвинението против премиерот“, рече Костадинов.

Тој ѝ честиташе на Генчовска што во изминатите шест месеци откако е на функција упорно и доследно ја бранела бугарската национална кауза. (Н.В.)