Бугарката Бакалова номинирана за „Златен глобус“ за улогата во „Борат 2“


САД- Бугарката Марија Бакалова се наоѓа меѓу номинираните за најдобра актерка во категоријата филмска комедија или мјузикл на доделувањето на наградите „Златен глобус“, се наведува на официјалниот Твитер профил на наградите.

Бакалова е номинирана за нејзината улога во ликот на Тутар – ќерка на главниот лик во филмот „Борат 2“. Филмот беше номиниран и за најдобра комедија на годината, а Саша Барон Коен е номиниран за најдобар актер.

Младата актерка е првата Бугарка номинирана за престижната награда, а покрај неа номинирани во оваа категоријата се и актерките Мишел Фајфер, Ања Тејлор-Џој, Кејт Хадсон и Розамунд Пајк.

Годинашната 78. церемонија на доделувањето на наградите „Златен глобус“ ќе се одржи на 28 февруари.

Младата Марија Бакалова (25) досега глумела во неколку филмови пред нејзиното големо деби во „Борат 2“. Меѓу нив се бугарските „Престап“, „XIIа“ и „Таткото“. Играла и една од главните улоги во „Како за последен пат“ и во неколку епизоди од веб-серијата „Типично“.

Драмата „Менк“ во средата водеше нa листата номинации за „Златен глобус“, кои беа силни во однос на различностите и во кои доминираа продукциите на „Нетфликс“, што е одраз на пресвртот што го предизвика пандемијата во традиционалната американска филмска индустрија, коментираат светските медиуми.

Од филмската верзија на рап-мјузиклот „Хамилтон“ до ЛГБТК-мјузиклот „Матура“, номинациите – кои ја почнуваат сезоната на холивудски награди – препознаа повеќе приказни и изведувачи во индустријата за која критичарите долго време се жалат дека е доминирана од бели мажи.

„Менк“, биографскиот филм за сценаристот на „Граѓанинот Кејн“, Херман Манкиевич, ја предводи листата со шест номинации. Следува уште една драма на „Нетфликс“, „Судењето на чикашките седуммина“ со пет.

Во категоријата драма, за најдобар филм се номинирани „Менк“, „Земја на номади“, „Надежна млада жена“, „Татко“ и „Судењето на чикашките седуммина“, а за најдобра комедија/мјузикл конкурираат „Борат 2“, „Хамилтон“, „Музика“, „Палм Спрингс“ и „Матура“.

Стриминг-услугата „Нетфликс“ доби 22 номинации по една година во која пандемијата на Ковид-19 ги натера холивудските студија да одложат десетици свои филмови или да ги стават на стриминг-платформи во услови кога многу киносали се затворени со месеци.

Три од петте номинирани режисери во средата беа жени, вклучувајќи ја и Реџина Кинг за „Една ноќ во Мајами“, Британката Емералд Фенел за „Надежна млада жена“ и кинеската режисерката Клои Џао за „Земја на номади“ (Nomandland).

Меѓу номинираните актери беа Вајола Дејвис, покојниот Чедвик Боузман за неговата последна филмска улога во филмот од ерата на џезот Ma Rainey’s Black Bottom, Ентони Хопкинс („Татко“), Гери Олдман („Менк“), Риз Ахмед („Звукот на металот“) и Тахар Рахим („Мавританецот“).

Во женска конкуренција Андра Деј („САД против Били Холидеј“), Кери Малиган („Надежна млада жена“), Френсис Мекдорманд („Земја на номади“), Ванеса Кирби („Делови од жена“) и Вајола Дејвис („Ма Рејни: Мајка на блузот“).

„Златните глобуси“ треба да бидат врачени на виртуелна церемонија на 28 февруари. Домаќини на вечерта ќе бидат актерите Тина Феј и Ејми Похлер.