Бугарија го прекрсти празникот на Кирил и Методиј – 24 Мај


Конечно, мнозинството во бугарскиот парламент го прекрсти празникот 24 Мај, кој се слави како ден на сесловенските просветители, браќата Кирил и Методиј. Со денешната одлука на парламентот празникот од сега ќе се вика Ден на светите браќа Кирил и Методиј, на бугарската азбука, образование и култура и на словенската литература, јавуваат бугарските медиуми.

Промената на името беше усвоена со последното гласање за измените и дополнувањата на трудовиот законик. „За“ беа пратениците од ГЕРБ, „Обединети патриоти“ и Волја, а БСП и отцепените од партијата гласаа „против“. Од партијата на Турците, ДПС, присуствувал само еден пратеник, кој исто така го поддржал новото име на празникот.

Во моментов, 24 Мај во Бугарија се нарекува Ден на бугарското образование и култура и словенско писмо.

При првото читање, ГЕРБ изненадувачки го поддржа предлогот на „Обединетите патриоти“ 24 Мај да се нарече Ден на бугарската литература, образование и култура. Но пред последното гласање и по дискусијата со експерти, помалиот коалициски партнер го измени предлогот нарекувајќи го Ден на светите браќа Кирил и Методиј, на бугарската азбука, образование и култура и наа словенската литература.

Главниот спор беше помеѓу БСП и „Обединетите патриоти“. Социјалистите објавија дека промената на името на 24 Мај не е на агендата на општеството и дека отстранувањето на словенското писмо од него ќе повлече линии на поделба не само со руската, туку и со другите нации. „Обединетите патриоти“ тврдеа дека Тодор Живков го поништил бугарското лице на празникот.