Будимпешта за Украина: Ова не е наша војна, ќе останеме надвор од неа


Петер Сијарто

БУДИМПЕШТА, Унгарија – Унгарското Министерство за надворешни работи го повика украинскиот амбасадор  откако неколку денови претставниците на двете земји се пресметуваа вербално околу позицијата на Будимпешта за војната.

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто во средата на социјалните мрежи напиша  „ја осудуваме воената агресија, стоиме зад суверенитетот на Украина, но ова не е наша војна, затоа сакаме и ќе останеме надвор од неа“.

Унгарската влада одби да испорача оружје на Украина или да дозволи негово пренесување преку унгарско-украинската граница и се бореше против примената на санкции за рускиот увоз на енергија. Таа позиција поттикна критики на унгарската влада од страна на украинскиот претседател Володимир Зеленкси, кој во понеделникот во обраќање на украинската телевизија рече дека унгарскиот премиер Виктор Орбан ќе треба да избере меѓу Москва и „ другиот свет“ на Западот.

Орбан, кој извојува убедлива победа на унгарските избори во неделата, во победничкиот говор го прикажа Зеленски како еден од противниците што тој и неговата десничарска партија ги победиле. Во вторникот Сијарто ги повика украинските лидери „да престанат да ја навредуваат Унгарија и да ја забележат волјата на унгарскиот народ“.