„Бруталниот путинизам“ го плаши Петков да го крене ветото

Бугарски аналитичари за „Еурактив“ велат дека доколку владата на Петков го крене ветото за Македонија ќе се отвори фронт против ЕУ во Бугарија


Руската пропаганда во Бугарија е ноколкукратно зголемна со војната во Украина: Пред споменикот на советската армија во Софија (Фото: АФП)

 

На Бугарија ѝ се заканува силен антизападен бран среде руската пропаганда, а војната во Украина и укинувањето на ветото за Македонија може да доведе до „брутален путинизам“ дома, додека Скопје смета дека тоа е токму игра во рацете на Русија.

„Еурактив“ праша бугарски политички аналитичари за политичката цена на укинувањето на ветото на земјата за почеток на преговорите за пристапување на Македонија во ЕУ, во контекст на политичката криза во која една од партиите во четиричлената коалиција ја напушти владата поради несогласувања за македонското прашање.

Бугарија е под притисок на Западот да го укине ветото, но смета дека Скопје не ги исполнило условите за тоа.

„Ако Скопје не направи отстапки и Бугарија го укине своето вето, тоа неизбежно ќе ги зајакне антиевропските чувства. Бугарите веднаш ќе сфатат дека владата тоа го прави под диктат на нашите западни партнери. Од ова, несомнено, ќе има корист партијата Преродба“, изјави за „Еурактив“ Димитар Ганев од социолошката агенција „Тренд“.

Преродба е екстремистичка сила предводена од Костадин Костадинов, која се надоврза на антиваксерски и проруски чувства. Во актуелниот парламент партијата има 13 пратеници од вкупно 240.

Политикологот Парван Симеонов од агенцијата „Галуп“ ја удвои прогнозата на Ганев. Тој рече дека речиси 70 отсто од Бугарите се против укинувањето на ветото на Скопје, а ако тоа се случи, Западот ќе добие „брутален путинизам“ во Бугарија.

Политичките аналитичари не ја исклучуваат можноста Преродба да биде втора политичка сила по партијата ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов и да стане неизбежен фактор во бугарската политика доколку има нови избори. Тоа ќе се случи доколку од власт падне актуелната влада на чело со проевропскиот премиер Кирил Петков, пишува „Еурактив“.

Дури и ако Преродба биде изолирана и во следниот парламент, оваа сила би можела да продолжи да расте на бранот на антисистемската наративност и да има корист од руската пропаганда на социјалните мрежи. Преродба, исто така, повикува на повлекување на Бугарија од НАТО и повторни преговари за членството на земјата во ЕУ.

Неодамнешното истражување на ГЛОБСЕК покажа дека многу повеќе Бугари од другите источноевропски земји на ЕУ ќе поддржат напуштање на НАТО. Податоците покажуваат дека сега 38 отсто се против членството во НАТО, додека 40 отсто од Бугарите го поддржуваат.

Сепак, и Ганев и Симеонов рекоа дека Преродба засега не претставува директна закана за членството на Бугарија во ЕУ.

Анкетите покажуваат дека над 60% од Бугарите изразуваат позитивен или донекаде позитивен став кон членството во ЕУ. Според Ганев, во моментов нема закана за членството на Бугарија во ЕУ.

„Следната влада на Бугарија ќе се формира врз основа на геополитичката ориентација на земјата – Исток наспроти Запад“, коментира Ганев. Сегашната бугарска влада беше избрана со ветување за борба против корупцијата и судските реформи, но актуелната жешка тема се промени околу Русија.

„За Бугарите ЕУ е рационален избор, додека позитивниот став кон Русија е емотивен поради историјата, културните сличности и фактот дека Русија не е сосед на Бугарија. Бугарите тоа не го доживуваат како непосредна закана“, коментира Симеонов.

И двајцата аналитичари признаа дека руската пропаганда во земјата е засилена во последните месеци. „Пропагандата на социјалните мрежи е инструмент на руската надворешна политика и таа не слабеше во последните години, туку се интензивираше“, рече Ганев.

Македонската политичка аналитичарка Слободанка Јовановска коментира дека сè уште не е јасно дали владата ќе опстане, но рече дека нејзините сонародници „се чувствуваат заложници на нефункционирањето на Бугарија како земја членка на ЕУ, одат од избори на избори и не одлучуваат ништо“.

Коментирајќи го влијанието на Русија во Бугарија, таа изјави за „Еурактив“ дека „не само во Македонија, туку и во самата Бугарија, постои верување дека структурите блиски до Русија го користат билатералниот проблем со Македонија за да ја опструираат политиката на ЕУ и да го дестабилизираат регионот“.

Македонскиот новинар Ерол Ризаов додаде дека бугарското вето е уште посилно по војната во Украина бидејќи руското влијание во Бугарија е драстично зголемено. „Нема ниту еден таканаречен ‘русофил’ кој жестоко не го брани бугарското вето за преговорите на ЕУ со Северна Македонија“, рече Ризаов.

Скопје е загрижено дека прифаќањето на уште повеќе барања од други земји поставува преседан. Власта се прашува дали ако отстапи на овие барања, ќе биде побаранода направи други во иднина.

Засегнатите страни повикаа да се отворат преговори што е можно поскоро со други прашања кои се опфатени во отворањето на поглавјата. Ако не се стори тоа, може да ги остави и Скопје и Тирана, чијшто судбина е врзана за соседот, отворени за влијание од исток.

На крајот на минатата недела бугарската влада беше потресена откако лидерот на популистичката партија Има таков народ, Слави Трифонов, објави дека ја напушта владејачката коалиција. Неговите четворица министри, вклучувајќи ги и оние за енергетика и надворешни работи, исто така поднесоа оставки. Владата на Кирил Петков го загуби и парламентарното мнозинство, останувајќи со 109 пратеници од потребните 121.

Во понеделникот, партијата на Трифонов почна да се распаѓа, а шест пратеници го најавија своето заминување поради обвинувањата дека Трифонов можеби е поврзан со мафијата.

Без мнозинство мали се шансите Петков да го укине ветото. Друг голем партнер во владејачката коалиција е Бугарската социјалистичка партија, која исто така се противи на отстапки за Македонија.